Проценките се секогаш потребни доколку сакаме да ги подобриме капацитетите на институциите, а во таа насока е и Функционалната анализа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) што е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Светска банка (СБ). По денешното добивање препораки од СБ, чија цел е да се пренесат најдобрите европски практики во функционирањето на институциите, МЗШВ како што најави ресорниот министер Трајан Димковски ќе започне со нивното спроведување.
– Функционалната анализа е идентификувана како приоритет на МЗШВ, а нејзина основна цел е да ја зајакне и подобри ефективноста и ефикасноста на секторите во Министерството, како и услугите што ги дава за да бидат навремени и подобри за земјоделците и за сите граѓани. Свесни сме дека секторот треба значително да ги подобри своите перформанси, осбено во делот на градење и јакнење на капацитетот, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Димковски во поздравниот говор на отворањето на настанот.
Тој истакна дека Владата во изминатие две и пол години посветено работи на развојот на земјоделскиот сектор согласно стандардите и регулативите на ЕУ.
– Целта на Функционалната анализа е да се помогне во подобрување, усогласување и управување со можностите и предизвиците поврзани со агендата на секторот за пристапувањето кон ЕУ, како и да се утврадат главните проблеми во организацијата и функционирањето на МЗШВ кои влијаат на ефикасно функционирање на секторите и да се предложат конкретни мерки за подобрување на перформансите за обуката, потенцира Димковски.
Тој посочи дека МЗШВ е меѓу првите министерства што иницира функционална анализа за воведување промени во својата внатрешна структура и перформансите на процесите. Анализата, додаде Димковски, првенствено се фокусира на Министерството и на специјализираните органи како што се Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија, Дирекцијата за семе и саден материјал, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.
Раководителот на Секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини посочи дека зејоделството и руралниот развој се многу битни за Унијата, но и тука во земјава, не само заради важноста што ја имаат во креирањето на БДП, туку и за да се задржат луѓето во руралните средини.
– Работиме за да се подобри вработеноста во руралните средини и да се задржат младите луѓе. Присутни сме во многу сектори во земјоделството тука, но ни треба да работиме со моторот, а тоа е МЗШВ. Функционалната анализа е во таа насока. Добра поента на денешната студија е дека се базира на трилатерална координација – ЕУ, СБ и Владата на РСМ, рече Бертолини и додаде дека имаат одлична соработка со МЗШВ.
Силвана Маури од СБ посочи дека соработката со актуелниот, но и со поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство била одлична и потенцира дека трипартитното партнерство меѓу ЕУ, СБ и Владата ќе продолжи и во иднина.
– Промените се секогаш потребни кога сакаме да ги подобриме капацитетите на институциите. Секторот земјоделство е важен во економијата на земјата и во него ќе се пренесат најдобрите парктики од другите земји, рече Маури и посочи дека уште многу треба да се направи за да се подобри функционалноста на МЗШВ.
Како што истакна Деметрис Псалтропулос, експертот за земјоделски политики од Светска банка, со функционалната анализа се одредува мандатот на МЗШВ и неговата визија и стратегија.
Финансиската анализа, посочи, има пет цели од кои првата е преглед на мандатот и политиката на МЗШВ и проценка дали целите на политиките се јасно дефинирани и усогласени со потребите на секторот. Втората е проценка дали статегиските цели се мерливи и достижни и соодветни за претпристапниот процес, третата проценка на процесот на донесување одлуки и координација на политиката, четвртата проценка дали политиките се поврзани со финансиските ресурси и дали се следат и оценуваат. Петтата, како што кажа, се препораки како да се подобри процесот на формулирање на политиките и стратегииите и управувањето со нив.