Согласно утврдената динамика во Охрид интензивно се работи на повеќе инфраструктурни проекти пред неполни два месеци. Во тек е реконструкција на плоштадот кај месноста „Табана“, а со средства од Центарот за развој на Југозападен плански регион во тек е изградбата на патеката која од „Сааат кулата“ води до Горна порта.
Завршен е тендерот за нова канализациона мрежа во село Лескоец вреден 3,5 милиони денари, и се очекува почеток на реализација на проектот.
Како што појасни градоначалникот Константин Георгиески на денешната средба со новинарите, потпишан е договор за реконструкција на улицата во близина на некогашната касарна „Михајло Апостолски“, тендерот е поминат, избран е најдобар понудувач и по надминување на административни пречки во однос на одобрението за градба ќе се започне со градежни активности. Предвидено е улицата да се пробие, да се изградат тротоари и коловоз, а ќе се постави и ново осветлување.
Георгиески уште најави неколку проекти што е од големо значење за градот и населението, а чија релаизација е предвидено да започне напролет. Ќе се градат нови улици и плоштади, а ќе се уредува и влезот на градот.
– Се работи за комплетна реконструкција и уредување на влезот од Охрид, од страна на Битола. Тоа е од кружниот тек кај „Здружение на возачи“ до после градските гробишта на улица „15 Корпус“. Оваа улица е во очајна состојба и за неа општината го има изработено основниот и проектот за инфраструктура. Документацијата веќе е испратена до Јавното Претпријатие за државни патишта и очекуваме брза реализација таму. Општината на оваа улица ќе постави атмосферска канализација, а горниот слој на улицата ќе биде изработен со средства од ЈП за државни патишта. На дел од улицата ќе има низок ископ што значи дека прво ќе се изработи улицата, па потоа ќе се поставува канализацијата, но за еден дел ние како општина ќе мора прво да издвоиме околу 18 милиони денари од буџетот во 2020 година за да ја завршиме атмосферската канализација, по што Јавното Претпријатие за државни патишта ќе пристапи кон изградба на коловозот, информираше тој.
Во врска со проектот за реконструкција на улицата „Македонски просветители“, привршува изготвувањето на документацијата во однос на изложување парцели и надминување на други административни пречки.
– Проектот е веќе аплициран за одобрение и е вреден околу 40 милиони денари, средства планирани од буџетот за 2020 година. Но за Охрид преку Министерство за Транспорт и врски се одобрени околу 1 милион и 280 илјади евра средства од Светска Банка, па постои опција овој проект да го аплицираме преку тие пари за следната година, рече Георгиески.
Завршени се и административните работи и за реконструкцијата на улицата „Абас Емин“, предметот е веќе во Европска банка за обнова и развој и после таа процедура Министерството за транспорт и врски ќе го распише тендерот.
– Се надевам дека до распишување на изборите ќе биде распишан тендерот од страна на Министерство за транспорт и врски за да може да тече процедурата, рече тој.
Георгиески уште појасни дека во декември треба да биде отворен новиот Зелен пазар во Охрид, со забелешка дека дотогаш треба да заврши експропријација на една парцела за на местото на сегашниот отворен пазар да биде изгадена првата катна гаража во градот.
– Откако ќе биде исчистена парцелата од правни пречки, ќе следува распишување оглас за јавно-приватно партнерство. Физибилити студијата за катната гаража е завршена, рече градоначалникот Георгиески.