Судењето за урнувањето на полицискиот хеликоптер пред повеќе од пет години во близина на Струмица, кое требаше да почне денес, е одложено за 29 ноември, а причината е неможноста на почетокот на главната расправа да присуствува адвокатотот на првообвинетата, Јулијана Спировска, тогашна директорка на ЈП „Македонска радиодифузија“.
Тоа го констатираше судечката судијка, Цона Калемерникова, која ги информираше странките дека првообвинетата му го откажала полношмоштвото на нејзиниот досегашен адвокат, а новиот во петокот поднел барање до судот за одлагање, бидејќи не бил во можност да се запознае со предметот. Заради повторното одлагање судот донесе одлука првообвинетата Спировска да ги покрие трошоците за денешното рочиште.
Адвокатот на оштетените смета дека рочиштето е одложено исклучиво по вина на обвинитетите.
-Сметам дека на овој начин не можат ништо да докажат, напротив само ја пролонгираат процесната постапка. Меѓутоа, оштетените пет години чекаат на оваа постапка, ќе истрајат до крај и ќе ја дочекаат вистината и очекуваат високи казни затвор, со оглед дека единствената пречка, единствената одговорност која треба да ја понесат се одговорните лица и Македонската радиодифузија, бидејќи 120 метарскиот антенски столб воопшто не бил осветлен и тоа е единствената причина за хеликоптерската несреќа. Постојат сериозни докази и од страна на Обвинителството и од страна на МВР кои што го докажуваат тоа, рече адвокатот Игор Мицев од Скопје.
По завршувањето на истрагата, ОЈО Струмица поднесе обвиненија против ЈП „Македонска радиодифузија“, тогашната директорка на претпријатието и раководител на Сектор на зедничка техника во тоа време. Тие се товарат за „тешки дела против општата сигурност“.
Во хеликоптерот произведен 2008 година на 10 јули 2014 година пилотите на МВР- Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање.
Во моментот на урнувањето на хеликоптерот тип МИ17, со регистарски ознаки МАР 7712, удрил во антенски столб на „Македонската радиодифузија“, а четворицата пилоти починале веднаш.
Инаку, првото рочиште за хеликоптерската несреќа требаше да се одржи на 2 септември, но поради барање на адвокатот на еден од обвинетите рочиштето беше одложено за денеска.