По лидерската средба што се одржа вчера кај претседателот Стево Пендаровски, учесниците најавија дека се договориле да се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април идната година. Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев по средбата изјави дека тие ќе бидат спроведени по т.н. „пржински модел“ со преодна Влада која треба да почне да функционира 100 дена пред одржување на изборите, поради што тој ќе се повлече од премиерската функција на 3 јануари.
Законските измени кои отвораат ваква можност беа изгласани на 25 јули лани, два дена откако за нив беше постигната согласност на лидерска средба.
Со измените и дополнувањата на Законот за Влада се предвидува сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на премиерот, Собранието да избере нова, преодна Влада за спроведување на парламентарни избори, предводена од нов премиер, кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Парламентот. Ќе бидат избрани и нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и тројца заменици министри.