Здружението на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ од Тетово викендов беше домаќин на детската поетска манифестација „Пишемо и стварамо на српском језику“ („Пишуваме и твориме на српски јазик“) која традиционално се организира во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во комплексот на манастирот Свети Атанасиј во село Лешок. Беа читани детски творби, а се претставија и поети од Србија.
– На седмата традиционална манифестација на свеченото читање, како главна програмска активност, беа прочитани 33 творби на српски јазик на тема „Љубов“. Автори на песните се ученици од основните училишта во Република Северна Македонија кои следат настава на српски јазик и тоа од Табановце, на граница со Република Србија, Старо Нагоричане, кумановско и од Кучевиште на Скопска Црна гора. Покрај нив, учество зедоа и ученици од средини каде што наставата ја следат на македонски наставен јазик но се припадници на српската заедница од Скопје, Сандево, Јосифово и Тетово, информира Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Сите учесници добија благодарница за учество, книги, како симбол на знаење и мудрост и јаболко, како симбол на здравје и живот. Благодарници за учество добија менторите и училиштата кои учествуваа на манифестацијата како и поетите.
– Една од долгорочните цели на проектите кои Здружението ги реализира а кои се однесуваат на чување и негување на српскиот јазик кај припадниците на српската заедница во Македонија меѓу другото е српскиот јазик да се воведе како изборен предмет во основните училишта во државата. Сметаме дека нашите проекти имаат мал удел во тоа што од оваа учебна година тоа и се оствари, истакна Андонов.
На свеченото читање се претставија и возрасни поети од Република Србија – Власта Цениќ и Стеван Милошевиќ како и поетите од Македонија кои пишуваат на српски и македонски јазик Славица Петровиќ-Тодорова и Стојан Арсиќ. Настанот го следеше амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија Душанка Дивјак-Томиќ и Александра Ѓурица, конзул во истата амбасада, владиката тетовско-гостиварски Јосиф, директорката на Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на заедниците во Македонија, Славица Петровиќ-Тодорова, претставници на други здруженија на Срби во Македонија како и поранешниот претседател и еден од оснивачите на Здружението на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ Обрад Стојановиќ.