Претседателот на партијата движење Беса, Билал Касами го оцени како неуспех на Владата недобивањето на датум за почеток на преговори со Европската унија и побара оставка од Владата и предвремени парламентарни избори.
На денешната прес-конфереција во партиското седиште во Тетово Касами истакна дека движењето БЕСА предупредуваше оти не е доволно сторено за да се добие датум за почеток на преговорите.
-Иако оваа Влада дојде со многу ветувања, таа не остварува скоро ништо и ја испраќа земјата многу чекори назад. Од денес, земјата е во длабока криза, а надминувањето на оваа криза се решава со колективна оставка на оваа Влада и земјата што е можно поскоро да оди на предвремени парламентарни избори, рече Касами.
Движењето Беса, наведе Касами, досега укажуваше во ЕУ за потребата за почеток на преговорите и покрај владините неуспеси.
-Беса иако опозициската партија, постојано ги повикуваше институциите на ЕУ при нивната одлука за земјата да се движи понатаму кон ЕУ, да ја земат предвид евроатлантската ориентација на граѓаните на Северна Македонија, без оглед на нивната етничка припадност. Но, се чини дека уште еднаш неуспесите на Владата беа далеку поголеми од подготвеноста на некои европски земји за да не примат во ЕУ, рече Касами.
Според лидерот на оваа опозициска партија, веќе се препознава политичката криза во државата.
-Длабоката криза во која е Северна Македонија во пресрет на последниот неуспех на оваа Влада, најдобро ја покажува поканата на претседателот на државата за лидерска средба во недела. Движењето БЕСА својот став за излегување од кризата, исто така ќе го претстави на состанокот на лидерите и ќе повика на предвремени парламентарни избори, истакна Касами.