Генералниот секретар на Националното собрание на Република Србија Срѓан Смиљаниќ и генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија Цветанка Иванова се состанаа денеска на маргините на 141-та седница на Интерпарламентарната унија (ИПУ) што се одржува во Белград.
Како што јави дописникот на МИА, Смиљниќ на средбата изрази задоволство од учеството на Собранието на Република Северна Македонија на 141-та седница на ИПУ и се осврна на традиционално блиските врски меѓу двата народа, кои се придружени со зголемени контакти и тесна соработка.
– Верувам дека размената на практичното знаење е најкорисна во нашето поле на работа, изјави Смиљaниќ.
Тој посочи и на значајната поддршка што секретаријатот, покрај редовните активности, ја пружа во спроведувањето на меѓународната соработка, но и во работата на телата што не се предвидени со Деловникот, како што се Парламентарна мрежа на жените и Глобалната организација на парламентарците за борбата против корупција (GOPAC).
Смиљаниќ ја запозна Иванова со работата и резултатите на парламентарната канцеларија за буџет и ја информираше за активности што значително ја зголемуваат транспарентноста на парламентот, како што се седниците што се одржуваат надвор од седиштето на Националното собрание, во соработка со локалните власти.
Цветанка Иванова го информираше генералниот секретар на српското собрание за плановите на македонското собрание за дигитализација на својот систем. Таа исто така изјави дека Собранието на Република Северна Македонија континуирано работи на обезбедување поголема автономија на законодавниот дом.
Соговорниците заклучија дека соработката на двата парламента ќе продолжи со взаемна желба да се засили во иднина.
За утре, во рамките на последниот ден на работата на ИПУ, предвидена е билатерална средба на претседателите на двете собранија, Маја Гојковиќ и Талат Џафери.