Спасовски: Намалувањето на казните за сообраќајни прекршоци е поради усогласување со Законот за прекршоци

Намалувањето на казните за сообраќајни прекршоци е поради усогласување со Законот за прекршоци и е дел од владината програма за работа, а за одредени прекршоци се предвидени посебни казни и посебни начини за казнување со цел сузбивање на сообраќајки со фатални последици, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Ние мораме да се усогласиме со Законот за прекршоци кој што е донесен, според кого некаде во ноември ние сите мораме да бидеме усогласени во делот на прекршоците. Казните се намалени и поради тоа што тоа беше еден од проектите во Програмата за работа на Владата. Трето новиот Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој денеска го потпишав и го доставив до Владата, таму постојат одредени прекршоци кои што пред се се однесуваат на возењето под дејство на алкохол, недавањето првенство на минување и прекумерната брзина, тоа се прекршоци за кои што се предвидени посебни казни и посебни начини за казнување се со цел да ги сузбиеме тие појави кои за жал ни се случуваат. Сите заедно ќе мораме да поработиме околу подигање и на јавната свест, а законот ќе биде само еден дел од решавањето на овој проблем, рече Спасовски на новинарско прашање по посетата на Патувачката училница „Живот на социјални медиуми“.

За приведувањето на убиецот на Јанушев и зошто тоа се случува после две години од кривичното дело, министерот Спасовски истакна дека тоа е постигнато со преземање на многу дејствија на повеќе институции. На прашањето дали сам се предал на полицијата, министерот рече дека извршителот на убиството е обезбеден и дека со полиција е спроведен во затворот во Шутка.

-Истрагите, а особено оние кои се однесуваат на најтешките кривични дела не се истраги кои се прават по некаков проект или план. Така може да правите зграда, улици и таму е предвидено за колку време треба да се направи. Важно е истрагите да бидат темелни и да ги утврдат сите факти и докази. Така што и пријавувањето и обезбедувањето на убиецот на Јанушев е процес во кој што беа вклучени не само полицијата туку и други институции во државата и важно е дека денеска ние го имаме убиецот на Јанушев зад решетки иако тој случај беше расчистен, и беше соопштено на јавноста кој е убиецот, како е извршено тоа дело.. Важно е правдата да ги стигне сите, рече Спасовски, потсетувајќи при тоа дека случајот беше расчистен веднаш после случувањето и и беше соопштено на јавноста кој е убиецот и како е извршено тоа дело.