Во Општина Карбинци се гради пат до Оџалија и плоштад во Радање

Во Општина Карбинци интензивно се реализираат проектите, изградба на пат до селото Оџалија и плоштад во селото Радање. Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев вели дека за овие два проекти средства се обезбедени преку Бирото за рамномерен регионален развој и Министерството за локална самоуправа, но и од буџетот на општината.

-Локалниот  пат од село Радање до село Оџалија е со должина околу 780 метри. Со проектот се предвидува асфалтирање на преостанатиот дел од локалниот пат Радање – село Курфалија.Од останатите елементи кои го сочинуваат патот се предвидуваат банкини од двете страни на патот со вкупна должина 800 метри и широчина од по еден метар. Одводнувањето е решено преку прифаќањето на површинските води од коловозот со земјени канафки, вели Насев.

Градежната фирма која го гради локалниот пат веќе има реализирано околу 30 отсто од градежните работи, а вкупна вредност на проектот e 5.122.285 денари од кои 3.017.127 денари или 58,90 oтсто се од Бирото за рамномерен регионален развој. Додека општината со сопствени средства учествува со  41,10 отсто или 2.105.158 денари.

Насев вели дека интензивно се гради и малиот плоштад во село Радање, а со реализација на овој проект се предвидува изградба на повеќенаменско спортско игралиште со патека околу него и клупи за седење. Вкупната вредност на проектот е  3.346.933 денари од кои 2.677.546 денари или 80 отсто се од Бирото за регионален развој и 20 отсто или 669.387 денари се средства на Општина Карбинци.