Еурактив: Франција го блокира проширувањето на ЕУ

Франција го блокираше отпочнувањето пристапни преговори со Северна Македонија и покрај даденото ветување од страна на ЕУ кон Скопје дека со постигнувањето на историскиот договор за името со Грција, земјата си обезбеди карта за преговори за членство во Унијата, оценува порталот Еурактив.

Откако во јуни европските лидери решија да го одложат донесувањето на одлуката за отпочнување на преговори за членство со Северна Македонија и Албанија за овој месец, на вчерашната средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ се гледаше како на „да се биде или не“, особено по септемвриската одлука на германскиот Бундестаг за поддршка на стартот на преговорите, оценува порталот.

– Само Франција ја блокираше Северна Македонија, додека Холандија и Данска го поддржаа Скопје, но се спротивставија на амбициите на Тирана. Финска предложи случајот со Албанија да се одвои од тој на Северна Македонија, но Франција не се согласи со тоа, се наведува во текстот.

Според Еурактив, сега финското претседателство со ЕУ најави дека прашањето за отпочнувањето на преговорите ќе се најде на дневен ред на средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, што ќе се одржи во Брисел утре и задутре, кој и онака е обременет со разгледување на начините за избегнување на Брегзит без договор и со утврдување на одговор на турскиот упад во Сирија.

– Француската министерка за европски работи Амели де Моншалан изјави дека нејзината земја е против отпочнување на пристапните преговори со двете балкански држави. Таа објасни дека е потребно во двете земји да се спроведат дополнителни реформи, но исто така јасно достави до знаење дека треба да се решат и поголеми проблеми, вклучително и реформи на начинот на водење на преговорите од страна на Еврокомисијата, како и проблемот со одлив на мозоци во овие земји, се посочува во анализата.

Порталот признава дека одливот на мозоци е сериозен проблем, но потсетува дека тоа не беше поставено како прашање во случајот со отпочнувањето на преговарачкиот процес со другите кандидати за членство, вклучително и со Србија и Црна Гора, „две балкански земји кои веќе се во процес на пристапни преговори“.

Еурактив потенцира дека Де Моншалан нагласила дека треба се почитуваат „критериумите поставени во 2018 година“, а во случајот на земјава ги посочила и реформите на Специјалното јавно обвинителство, кои според неа, не се целосно завршени.

– Овие земји ќе бидат дел од Европската унија еден ден…, но сега е се уште рано за отпочнување на правниот процес за проширување, ја пренесува порталот изјавата на претставник на Владата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој најавил дека Париз сега нема да се согласи со почеток на преговори за членство на двете земји.

Од друга страна, како што наведува Еуроактив, Берлин истакнува дека отпочнувањето на пристапните преговори е приоритет за Германија.

Дипломатски извори на Еурактив во Брисел изјавиле дека Франција би можела да ја промени својата позиција на претстојниот Самит на ЕУ, единствено при хипотетичко сценарио доколку Германија ги прифати француските идеи за реформи во Еврозоната.