Синдикат на Фени: Доколку банките имаат инвеститор нека го повикаат на утрешното рочиште за стечај

Доколку банките имаат инвеститор за „Фени“, нека го повикаат на утрешното рочиште за стечај, повика на денешната прес-конференција Ѓоре Палитов, претседател на Синдикатот во комбинатот, за кој неколку банки покренаа стечајна постапка како доверители.

Според него, банките одлучиле да покренат стечај и побарувања кои не се достасани.

– Доколку има некој друг поголем инвеститор за кој банките само шушкаат, нека го повикаат утре на рочиштето во Велес и согласно законот со обезбедени гаранции нека го сопре овој процес низ законска постапка, апелираше тој.

Во името на синдикалната организација ја извести јавноста ставовите во врска со барањето на банките за стечај на компанијата.

– Ние како вработени знаеме дека условите за стечај се креирани вештачки и дека компанијата е во добра кондиција и подготвена за производство. Компанијата има сопственици, има инвеститор и има услови за рестартирање во ситуација на светските берзи кога цената на никелот расте и кога беше обезбедена поевтина електрична енергија, рече Палитов.

Апелираше до УЈП како и до претстечајниот управник и надлежниот суд да се одобри исплатата на заостанатите плати од повратот на ддв за што веќе е испратено барање.

– Очекуваме одговор и се надеваме со истата брзина со која се подготвуваа документите за да се отиде во стечај. Истовремено апелираме и до судот да ги разгледа сите последици од евентуалниот стечај наза градот и околината. Судот мора да ја земе предвид и евентуалната намера за намерно предизвикување на стечај. Во случај на отварање на стечајна постапка, само според законските прописи процесот ќе трае најмалку четири месеци, а банките како синдикат ги прашуваме јавно да кажат еден пример на компанија во земјава каде банките побарале стечај и таа компанија се рестартирала. Таков случај нема, вработените и останатите правни субјекти беа редовно секогаш исплаќани дури и во најтешките денови со оглед дека се работи за берзански цени како на репроматеријалите така и на финалниот производ, додаде тој, апелирајќи до судот во Велес да го отфрли барањето за стечај.

– Ние како вработени сакаме да работиме и тој стечај да го тргнеме на страна, да продолжиме со работа зашто стечајот сите знаеме каков е.

На новинарско прашање дали се сретнале со претставник на бугарски „Енекод“, тој одговори дека со Кацаров имале средба во четвртокот попладне и тој најавил дека денеска најверојатно ќе достави последна понуда до банките и оти ќе биде солидна со добар долгорочен бизнис план.

Рокот за исплата на две плати е веќе поминат ама последен рок на синдикатот е петок оваа недела.

– Јас мислам ќе ги добиеме платите. Дополнително ќе ве известиме, сигурно ќе преземеме нешто како вработени, протести, доколку не ни ги платат платите, нагласи Палитов.