Пелагонски културно-научни средби во Општина Новаци

Трагајќи по одредени вистини, не можеме да го издвоиме минатото од сегашноста, и внесувајќи научна вистина во минатото, всушност ние служиме на сегашноста, порачаа учесниците на 19. Пелагонски културно-научни средби што се одржаа во Општина Новаци.

Убавиот збор за човекот е како капка роса врз жеден цвет, продолжуваме по патот по кој неуморно трагаме за зрнце вистина која потоа ја обликуваме на научна основа, истакна во својата поздравна реч, професорот Ѓорги Лазаревски, претседател на  Советот на Пелагонските културно-научни средби што денес се одржаа во Новаци.

-Свесни сме дека во ова турболентно време, треба да се истрае на патот за градење мостови на соработка и пријателство на сите страни и нивоа. Во нашите трудови доминира убавиот збор во сите негови варијанти, и затоа трудовите на сите учесници, како и досега ќе бидат објавени во зборник, нагласи Лазаревски.

Со одлука на Советот на Пелагонските културно-научни средби, годинава наградата „Повелба за животно дело“ му беше доделена на универзитетскиот професор во пензија Борис Анакиев, а признанието „Златен клас за македонски вознес“ им беше доделено на Вита Која од селото Гинеец, инаку универзитетски професор во Тирана, на професорот Митре Шутку од селото  Клење и постхумно на Цветан Мазнику, сите од Голо Брдо, Албанија.

Пелагонските културно-научни средби се одржаа со поддршка на Општина Новаци и на Македонско научно друштво-Битола.