Бугарското Собрание денеска расправа за Предлог-декларација со која се предлага Бугарија да даде целосна поддршка отпочнувањето на преговорите за членство на Република Северна Македонија и Албанија во ЕУ.
Како што јави БГНЕС, расправата по Предлог-резолуцијата е прва точка на денешната седница на бугарското Собрание. Предлогот за вметнување на оваа точка на дневниот ред на собраниската седница го поддржаа 130 пратеници.
Во Предлог-декларацијата се наведува дека бугарското Народно собрание е посветено на проширувањето на ЕУ и на Процесот на стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Албанија.
Во документот се нагласува дека европската интеграција „нема да биде на штета на искривување на историските настани, документи и артефакти, како и на улогата и ставовите на лицата од бугарската историја“.
Со декларацијата Софија го повикува Скопје да го спроведува ефикасно, без одлагање и со добра волја Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што беше потпишан од премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година.
Во текстот се посочува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.
Бугарското Собрание бара земјава целосно да го спроведе „договореното и постигнатото во рамки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како и тие да бидат вклучени во училишните програми и материјали во најкус можен рок“ и се бара „да прекине секаква форма на говор на омраза кон Бугарија и кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, вклучително и во медиумите и на натписите на спомениците“.
– Да се воздржат од дејствија што се однесуваат на обиди за поддршка и поттикнување на тврдења за признавање на т.н. „македонското малцинство“ во Бугарија, вклучително во меѓународни организации и мултилатерални формати, стои во едно од барањата до земјава наведени во Предлог-декларацијата.
Во делот од документот што се однесува на евроинтеграцијата на Албанија, се бара донесување на закон за малцинствата и гарантирање „со максимален степен на правото на бугарското национално малцинство во оваа држава за изучување на бугарскиот литературен јазик како мајчин во регионите во кои живее – Голо брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс“. Во текстот се бара и спроведување на попис на населението во Албанија во согласност со европските стандарди, со цел да се добие објективна слика за етничкиот состав на земјата.
– Ние, народните претставници во 44. Национално собрание на Република Бугарија, преземаме политичка и граѓанска обврска да инсистираме секоја идна бугарска влада чиј мандат ќе се спроведе во временските рамки на преговарачкиот процес на ЕУ на двете земји, внимателно да го следи спроведувањето на горенаведеното. Врз таа основа и во вакви услови 44. Народно собрание на Република Бугарија го поддржува започнувањето на претпристапните преговори на ЕУ со Република Северна Македонија и Република Албанија. Во тие рамки Народното собрание ја одобрува Рамковната позиција што ја усвои Советот на министри на 9 октомври 2019 година, се заклучува во Предлог-декларацијата.
Бугарската Влада на вчерашната седница усвои Рамковна позиција со која се поддржува започнувањето на преговорите на Република Северна Македонија и Република Албанија со ЕУ, но се нагласува и дека Софија ќе инсистира на почитување на добрососедските односи.
– Бугарија е постојана во поддршката за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан со оглед дека процесот на присоединување е клучен двигател за реформи и стабилност во регионот. Бугарија ја поздравува и поддржува препораката на ЕК за започнување на претпристапните преговори како со Република Северна Македонија, така и со Албанија. Во исто време, Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европско легитимирање на антибугарска идеологија спонзорирана од државата, објави по седницата бугарскиот премиер Бојко Борисов на неговиот Фејсбук профил.