Црковното наследство незашитено, за десет години во Струшко украдени 600 икони

Негрижа за богатото црквоно наследство, ограбени, опустошени и осквернавени цркви, незаштитени и заборавени локалитети е сликата од македонските светилишта. Само во изминатите десетина години од Струшко украдени се 600 икони со непроценлива вредност.

За надминување на овој проблем, според професорот Маријан Јованов од Филозофскиот факултет, потребни се системски промени и построга законска регулатива. Смета дека неорганизираноста на државата е главна причина за пустошењето на културното наследство и моменталната состојба.

– Некои работи морало да се предвидат многу порано. Не може и не смее да се остави на милост и немилост културното наследство. Тоа се случувало и во минатото и сега. Доволно е да погледнеме во минатото кога се ограбувало безмилосно, немало закони за заштита на култруното налседство. Донесовме закони, но не ги спроведовме, вели Јованов.

Тој смета дека црквите немаат елементарна заштита и оти се остваени сами на себе, без видео надзор, аларми или чувари.

– Тука има вредни дела што беа мамка за крадците. Вредни дела има и во други краеви низ државата, кои се уште помалку заштитени. Не би сакал да споменувам да не им отвораме очи на арамиите. Не само што нема современи уреди за заштита, нема елементарна заштита. Нема човек од време на време да отиде, да види дали иконостасот и иконите се на место, изјави Јованов.

Изминатава деценија од црквите во Југозападниот регион исчезнаа највредните икони од Дичо Зограф. Украдени се црковни артефакти, световни книги, крстови, плаштеници со чудотворна моќ низ кои е проткаена вековната традиција и верувања на локалното население. Една од поголемите кражби годинава бнеше во гостиварско, кога беа украдени повеќе икони и вреден сребрен крст, неколку кражби во тетовско, една во струшко Дрслајца. Не останаа поштедени ниту црквите во охридско, ниту во битолскиот и дебарскиот регион. Бесценетите предмети завршуваат на црните европски пазари, а седум икони беа пронајдени во Тирана во 2013 година.