Премиерот Зоран Заев потврди дека Владата побара одложување на конечното мислење на Венецијанската комисија во врска со Законот за употреба, за да имаат време да ги анализираат забелешките на Комисијата изнесени во драфт верзијата и да одговорат на нив. Во секој случај, рече, конечниот став и мислење на Комисијата може да се очекува до крајот на годината и Владата се обрзува дека ќе го примени.
– Владата тоа го побара заради времето потребно да ги изанализираме нивните аргументации и да ги дадеме нашите ставови и рековме ќе го чекаме конечното мислење. Ние информиравме дека драфт верзијата е доставена до нас, ни треба време да ги видиме анализите, затоа што Венецијанската комисија своите ставови ги поткрепува со аргументации, европски правила и норми и европска пракса, но исто така го анализира нашиот систем што може капацитетно да носи. Така што мерењето на добивањето на правда наспроти правото на употреба на јазикот, ако го загрози она првото тогаш прашање е дали им треба на граѓаните, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
Ние, додаде Заев, ќе направиме анализи дали имаме доволен капацитет и ќе ги дадеме веднаш одговорите. Очекувам, рече премиерот, дека до крајот на годината, според информацијата што ја добивме, ќе дојде и конечното мислење.
– Наш став на сите во Владата е кога ќе пристигне конечното мислење, тоа да се применува заради тоа што сакаме да бидеме членка на ЕУ, а Венецијанслата комисија најдобронамерно, правично и согласно европските вредности ги дава своите сугестии. Ние немаме проблем да бидеме авангардни да чекориме пред некои европски норми, но треба да имаме капацитет да го примениме, но, да не се доведеме во ситуација сакајќи да примениме одредно човечко право, да не загрозиме право на правда, рече Заев.
Прес-службата на Венецијанската комисија синоќа информира дека на барање на Владата на Северна Македонија е одложено мислењето за Законот за употреба на јазиците, за кое требаше да се расправа на на 120-та пленарна сесија закажана за 11 и 12 октомври во Венеција.