Националната галерија на Македонија во соработка со Народниот музеј од Велес денеска во Ликовниот салон во Велес ја отворија тематската изложба „Урбани документи: пејсаж-град-предел“ од авторката Елена Иванова.
Како што појасни Иванова, селектираниот избор на дела е сочинет од 23 слики на познати и афирмирани автори, меѓу кои од Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Вангел Коџоман, Томо Владимирски и други.
Воедно информира дека овие изложени ликовни дела се интересни за ликовната публика, од аспект на историски и документарен карактер како сведоци на едно минато време, како и од ликовен аспект. Некои дела се со препознатливи мотиви од Скопје, Битола, Охрид, Струга, Кратово, но и од Париз, Прага, Елбасан и други градови.
-Овие ликовни творби не се само обид објективно да се наслика еден град, туку тие истовремено претставуваат и обид да се разбере и да се долови духот на тој град и со ликовен јазик, да се пренесат неговите специфични особености, појасни Иванова.
Голем дел од овие дела првпат се изложени на ликовната јавност токму преку оваа ликовна изложба, а која првично беше отворена во септември 2017 во Мала станица во Скопје.