Вечерва во прилепскиот Центар за современа ликовна уметност, во рамките на прославата на 11 Октомври – Денот на народното востание е отворена изложба на дела од Меѓународната ликовна колонија „Куманово 2018“. Изложбата ја отворија градоначалниците на Куманово, Максим Димитриевски, и на Прилеп, Илија Јованоски со што, како што и самите нагласија, се зацврстува соработката на двата града кои лани воспоставија традиција на заедничко прославување на 11 Октомври.
Прилепскиот градоначалник Јованоски нагласи дека двата града лани започнаа, а сега ја продолжуваат востановената традиција на заедничка прослава на големиот празник. Се зацврстува соработката, се надминуваат бариерите, особено што неодамна и Прилеп, покрај Куманово, единствени од земјава, стана членка на меѓународната асоцијација основана од Обединетите нации „Градови – носители на порака на мирот“.
-На општо задоволство веќе втора година Прилеп и Куманово, заедно ја прославуват годишнината од Денот на народното востание, големиот национален празник – 11 Октомври. Ова заедничко прославување го избегнува ривалитетот на двата града за тоа „каде пукнала првата пушка“. Убеден сум дека заедничкото прославување ќе го продолжиме и ќе воспоставиме традиција. Во предвечерието на 11 Октомври прославата ќе биде во Прилеп, а на 11 Октомври, во текот на денот, заедничката прослава ќе биде во Куманово. Дури, годинава почнавме и ден порано отворајќи ја изложбата од Меѓународната кумановска ликовна колонија. Ова ја покажува заедничката соработка, во интерес на кумановчани и на прилепчани. особено што е почеток за идни заеднички проекти. Посебна потврда на тоа е што на предлог на Куманово, Прилеп стана членка на Меѓународната асоцијација „Градови – носители на порака на мирот“ во која се уште 113 градови од светот, а само Куманово и Прилеп се од Македонија. Тоа се случи пред 10-ина дена во Сараево на 30-то Собрание на Асоцијацијата, рече Јованоски.
Кумановскиот градоначалник Димитриевски смета дека ова е пример дека заедничка била борбата против најголемото зло на 20-иот век, фашизмот. Делегацијата во Прилеп престојува два дена.
-Нашите контакти секојдневно се зацврстуваат. Од името на кумановчани им го честитам празникот на Прилеп и на прилепчани им оддавам признание за сето она што го направија за нашата држава, заедно со оние кои се вложија во народноослободителната борба и ги поставија темелите на денешната наша држава, современа Република Северна Македонија. Овој пример покажува дека Прилеп и Куманово се едно, и, всушност, оттука се разгоре таа борба против најголемото зло на 20-иот век, фашизмот на овие, македонски, простори, поддржана од сите граѓани на тогашните југословенски простори. Преку асоцијацијата „Градови, носители на порака на мирот“, пак, формирана од ОН, планираме како единствени два града од Македонија да бидеме активни на меѓународен план. Само на таков начин испраќаме вистински пораки за што се бореле и се залагале нашите предци, народни херои и учесници во НОБ кои ги чествуваме и овие денови им даваме признание. Нашата делегација ќе биде два дена гостин на Прилеп, за да ја завршиме манифестацијата во Куманово, рече Димитриевски.
На изложбата се претставени 15 од 30-те дела, создадени на меѓународната ликовна колонија „Куманово 2018“. Изложени се делата на уметниците од Србија, Бугарија, Чешка, од Романија и од нашата земја. Меѓународната ликовна колонија се одржува 45 години, порано во Матејче, а од 2001 година се одвива во Пелинце.