Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски денеска ја прими новоназначната претставничка на УНИЦЕФ во земјава, Патрициа Ди Џовани, која при тоа му ги предаде копиите од акредитивните писма.
Посакувајќи и добредојде и успешна мисија на Ди Џовани, Жерновски истакнал дека Владата високо ја цени соработката со канцеларијата на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) во Скопје.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Жерновски ја запознал соговорничката со текот на имплементацијата на приоритетите на Владата, како и со спроведувањето на националните реформи во сферата на детската заштита, образованието и здравствениот систем.
Тој изразил очекување дека канцеларијата на УНИЦЕФ во земјата и под водство на новиот претставник Ди Џовани, ќе продолжи да ги поддржува активностите на Владата насочени кон реализацијата на нејзините приоритети во однос на подобрувањето на состојбата со правата на децата во државава.
Ди Џовани го поздравила успехот постигнат во изминативе неколку години во однос на детските права во земјава, посебно во однос на деинституционализацијата. Во разговорите била реафирмирана и подготвеноста на УНИЦЕФ да ги поддржува натамошните реформи со цел надминување на утврдените проблеми во однос на заштитата и промоцијата на правата на децата.