Околу 1,5 милион денари за зимско одржување на улиците во Кочани

За зимско одржување на улиците во градот и населените места, како и за чистење на снегот од коловозите на локалните патишта, Општина Кочани ќе потроши околу 1,5 милион денари.

Според претходно изготвената годишна програма, со планираните средства треба да се покријат трошоците за давателот на услугата за отстранување на снежните наноси, како и да се набават осум тони сол и 18 тони асфалтна маса за крпење на ударните дупки.

– Во моментот тече јавниот повик за избор на фирма што ќе ја одржува проодноста на коловозите од снег и од подмрзнување. Бараме таа да располага со соодветна механизација за расфрлање сол и песок, возило со нож за чистење снег, утоварувач за расчистување на големи наноси од снег и товарно двоосовинско возило. Годинава ќе набавиме поголеми количини сол и асфалтна маса, бидејќи искуството покажа дека во зимскиот период имаме повеќе интервенции за крпење на оштетените коловози. Очекуваме до крајот на месецот да избереме оператор за чистење на улиците, при што ќе склучиме договор на период од 10 месеци, истакна Влатко Димитров, раководител на секторот за урбанизам и комунални работи.

Избраниот давател на услугата ќе има обврска, освен улиците во Кочани, да ги одржува проодни и локалните патни правци од магистралниот пат А3 кон селата Горни и Долни Подлог, Мојанци, Грдовци, Прибачево, Оризари и Тркање, како и локалниот пат од Кочани до Бели, Нивичани, Пантелеј и Рајчани. Според Димитров, дополнителна должност на фирмата е при врнежи на снег со дебелина над три сантиметри по сопствена иницијатива да излезе на чистење на снежните наноси.

Покрај операторот што ќе биде избран за чистење на снегот од улиците и локалните патишта, за одржување на тротоарите и другите јавно-прометни површини ќе бидат ангажирани и екипи од комуналното претпијатие „Водовод“.