Спасовски-Даниелсон: Северна Македонија е важен партнер кој прави сериозен напредок

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше работна средба со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и соседство во Европската комисија Кристијан Даниелсон, на која е презентиран напредокот направен во спроведувањето на реформската агенда во пресрет на донесување на одлуката и определување датум за почнување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата, како што се вели во соопштението од МВР, било разговарано за реформите на безбедносно-разузнавачките служби, зајакнување на капацитетите на финансиските истраги, спроведување на ефикасни истраги во областа на организираниот криминал, воспоставување на надворешниот механизам за контрола над полицијата, справувањето со нелегалната миграција и трговијата со луѓе и процесот на проверка на вработените во министерството – ветинг.

Даниелсон истакнал дека Северна Македонија е многу важен партнер за Европската комисија, која во изминатиот период покажа сериозен напредок во процесот на пристапување кон ЕУ и исполнување на поставените приоритети. Напредокот кој Северна Македонија го постигна е дополнителен аргумент во насока на донесување на одлуката и определување на датум за отпочнување на преговорите, за што ќе се одлучува во наредните неколку дена.

Министерот Спасовски, се вели во соопштението од МВР, информирал за резултатите кои се постигнати во областа на внатрешните работи, а кои се согласно плановите и препораките кои во изминатиов период беа утврдени со Европската унија.

Тој нагласил дека и во претстојниот период фокусот ќе биде на зајакнување на капацитетите на министерството и другите институции кои се вклучени во борбата против организираниот криминал и корупција, како и на спроведување на финансиските истраги.

На средбата министерот Спасовски ги презентирал активностите на веќе формираната Работна група, која има за цел да подготви и презентира концепт за спроведување на проверка на вработените во министерството. Притоа, Спасовски истакнал дека ова е многу важен процес кој не смее да биде ниту избрзан, ниту пак, политички мотивиран, туку треба да се сфати како составен дел од борбата против криминалот и корупцијата и од него не треба да стравуваат чесните професионалци кои ги има во министерството. Во текот на процесот на проверка на вработените нема да се донесуваат брзи одлуки и целиот концепт ќе биде во рамките на правниот систем на Република Северна Македонија, со почитување на принципот на владеење на правото.

Работната посета на министерот Спасовски продолжува со средба со Комесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамополус.

2 thoughts on “Спасовски-Даниелсон: Северна Македонија е важен партнер кој прави сериозен напредок

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *