Анѓушев: Одложувањето на данокот на капиталните добивки на берза е добро, но не и на данокот на камати

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека одложувањето на примената на Законот за оданочување на капиталните добивки на берза е добро за раздвижување на пазарот на хартии од вредност во земјава, но е против одложување на Законот за оданочување на каматите од штедни влогови.

-Станува збор за два различни данока. Едниот е данокот на камати и јас го поддржувам тој закон да се имплементира веднаш заради тоа што на тој начин практично ќе стимулираме граѓаните да не ги држат парите во банки како депозити, туку да ги инвестираат во тоа што тие ценат дека треба да се инвестира – дали за своја лична потреба, дали за купување станови, дали во бизнис. Сето тоа ја раздвижува економијата, рече Анѓушев во одговор на прашање пред почетокот на свеченоста по повод одбележувањето на патрониот празник на средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“ и пуштањето во употреба на фотоволтаична електрана во училиштето.

Тој дел од данокот, додаде, треба да се имплементира и за тоа треба само банките и УЈП да бидат подготвени да тоа го имплементираат.

Нагласи дека го поддржува барањето на стопанствениците да се одложи примената на данокот на капитални добивки во интерес на развој на берзата.

-Данокот на капитални добивки постои во некои развиени земји, но во најголем дел од земјите што се во развој на своите берзи го применуваат одложувањето на таквиот данок како механизам за развој на берзанското работење во државата што ценам дека е наша иднина. Нашата берза е млада и нема уште толку голема ликвидност, сакајќи да го поддржиме работењето на берзата можеби треба да се размисли да се одложи за некое време овој данок на капитални добивки. Ние многу малку имаме берзанско работење и немаме ниедно ИТО во нашата држава и мислам дека точно тоа треба да го стимулираме ако сакаме да одиме кон едно развиено економско општество на конкурентна база, потенцира Анѓушев.