Боки 13 со возило на брза помош изнесен од Обвинителството

Бојан Јовановски попладнево на носилка беше изнесен и со возило на брза помош и полициска придружба замина од Обвинителството за гонење организран криминал и корупција.

Неговиот адвокат Сашо Дуковски изјави дека Јовановски колабирал и не бил контактибилен.

– Се случи непријатна сцена, она што се случува последните 40-50 дена, односно од кога е притворен. Почна да повраќа и колабираше, не беше котактибилен. Повикана е Брза помош и однесен е на понатамошна опсервација, не знам во која клиничка болница дали во „8 Септември“, рече Дуковски.

Посочи дека има мислење од Клиниката за торакална хирургија дека е неопходна хоспитализација заради целокупната здравствена состојба.

Прашан дали размислуваат да побараат поблага мерка и замена на притворот, рече дека сега не може да зборува за тоа, но дека една работа е правото и правдата, друга е правото на живот.

-Не сум ни јас сега во состојба да зборувам. Навистина непријатни сцени се тоа. Не случајно сега е однесен итно во болница и не случајно досега најмалку 20 пати бил на супспецијалистички прегледи, но мислам дека е неопходна хоспитализација па ќе видиме. Толку можам засега да ви кажам, изјави Дуковски.

Бојан Јовановски кој како првоосомничен денеска требаше да дава исказ за „Рекет“, денеска околу пладне со полициска придружба беше донесен во Обвинителството од КПУ Затвор-Скопје, каде што издржува мерка притвор.

Дваесеттина минути по доаѓањето на Јовановски, во Обвинителството пристигна медицинската екипа.

Освен Јовановски, во случајот „Рекет“ се осомничени и Зоран Милевски-Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.