Филмот „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски ја доби наградата за најдобар интернационален краток филм на 34. Филмски фестивал „Санденс“.
Филмот беше прогласен за најдобар во програмата „Краток филм“ во конкуренција со 17 филмски наслови од светот.
За наградите во оваа категорија одлучуваше тричлено жири составено од Шерин Дабис, сценаристка, режисерка и продуцентка, Ширли Мансон, вокал на алтернативниот рок-бенд Гарбиџ и писателот и стрип автор Крис Вер, кој вчера на доделувањето на наградите го спореди стилот на пишување на Столевски со Толстој.
„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.
Улогите ги толкуваат Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.
Сценариото за филмот го напиша режисерот Горан Столевски, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.
Филмот е во продукција на Црна мачка продукција и во копродукција со Скопје Филм Студио. Финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Селектиран и на филмскиот фестивал за краток филм во Клермон-Феран, Франција со закажани проекции од 3 од 10 февруари.