Министерството за правда не го кометира мислењето на Венецијаската комисија сè додека не стане официјално

Министерството за правда нема да го кометира мислењето на експертите на Венецијаската комисија за Законот за јазиците сè до неговото усвојување од комисијата кога станува официјално.

– Мислењето на експертите на Венецијаска комисија е класифицирано сè до неговото усвојување од Комисијата кога станува официјално. До неговото официјализирање нема да го коментираме, а штом ќе биде усвоено ќе го почнеме процесот на имплементирање на препораките содржани во него, велат за МИА од Министерството за правда.

Според оценките на Венецијанската комисија, како што објави „Плусинфо“, Законот за јазиците ќе го загрози функционирањето на целиот судски систем.

– Многу одредби од Законот за јазици (од 2018 година) ги надминуваат европските стандарди дефинирани особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Ова во принцип е за пофалба. Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите на Северна Македонија за подобрување на јазичната состојба на немнозинските заедници, пишува „Плусинфо“.

Според мислењето на Венецијанската комисија, како што наведува „Плусинфо“, во одредени области законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена

Ова се дел од оценките во нацртот на заклучоците на Венеицијанската комисија, што официјално ќе се објават на 17 октомври. Нацртот е подготвен на 27 септември годинава, а „Плусинфо“ тврди дека поседува копија од овој документ.