Просечната плата за две години е зголемена за 2.000 денари. Сега ја отвараме и новата мерка, планот е од 1 ноември да почнеме со реализација на мерката на субвенционирање на придонесите од покачени плати. Законот е готов, разговараме со сите засегнати страни, ги мериме сите вредности и ќе овозможиме на секој газда и менаџер што за нашиот народ, од која било дејност, за вкупно 758.000 вработени граѓани во оваа наша земја, ако ја зголемат платата до 100 евра продонесите ќе ги платиме ние од државата и пензиско и здравствено ние ќе ги платиме. Само да растат платите во државата, истакна денеска претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на првата граѓанска трибина „На прав пат“ во Штип.
Нагласи оти земјата конечно дочека да стане модерна држава, идна членка на НАТО и ЕУ во која има напредок, квалитетно здравство и образование, неселективно владеење на правото, во која парите завршуваат кај граѓаните.
– Сега е време за просперитет за државата и граѓаните на повидок се исполнување на стратешките цели на нашата земја. Сработивме се што се бараше од нас. Имаме заслужено право да го чекаме 17 октомври и да добиеме преговори со ЕУ, додаде Заев.
Порача дека ЕУ и НАТО стануваат реалност а тоа им го должиме на сегашните и идните генерации.
-Конечно имаме право, ги имаме сите причини да добиеме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, да ги отвориме и поглавјата и фондовите, да ги поддржиме компаниите, но и младите. Затоа тргнавме со ваква политика, затоа ги решававме односите со соседите, потенцираше премиерот.
Истакана дека сега се отворени перспективи за сите нас, за нашите деца, за татковината, за граѓаните.
– Никој повеќе не не негира како земја, признаени сме од целиот свет. Во седиштето на Европската Унија говорев на македонски јазик, признаен од цел свет. Личната карта си ја обезбедивме. Конечно си имаме имотен лист, си имаме држава, за која нашите дедовци се бореле, и тоа по мирен пат. Одиме храбро, работиме од љубов, си ја сакаме татковината, рече Заев.
Нагласи оти парите се враќаат назад кај граѓаите, а трошоците за живот постојано се намалуваат.
– Укината е радиодифузна такса за сите, воведена е евтината дневна тарифа на струјата. Но овде во Штип дополнително е и намалувањето на цената на водата што севкупно ги намалува трошоците на домаќинствата. Со повратот на 15 отсто од ДДВ само во првите три месеци враќаме над три милиони евра кај граѓаните, а првото враќање ќе биде на почетокот на декември, посочи претседателот на СДСМ.
Премиерот потенцираше дека со реализација на предвидените проекти дополнително ќе се унапреди квалитетот на живот на граѓаните на Штип.
– Животот на граѓаните овде во Штип дополнително ќе се олесни преку проектите кои се во реализација. Преку изградбата на браната Отињеа која ќе го реши проблемот со водоснабдувањето. Особено е значајно што се интензивира изградбата на Клиничкиот центар кој ќе биде важен не само за Штип, туку и за граѓаните на Кочани, Струмица и целиот источен регион, истакна Заев.