Владо Пашариковски е син на Пандо Пашариковски, познат борец од Долна Преспа, кој животот го даде за слобода на македонскиот народ и Македонија. Основно образование заврши во родното место, а потоа се запишал во Рударското училиште во Пробиштип, за да продолжи и како ученик и како практикант на Истра, во Хрватска. Владо Оашариковски живееше во Детроит, а неизмерно го сакаше Љубојно и секогаш му се враќаше, и насекаде го афирмираше. Тој беше првиот претседател на МПЦ „Св. Богородица“ во Детроит и организатор на „Љубанските иселенички средби“ Во 2017 година „Љубанските илинденски иселенички средби“ ќе ги прослават своите – 44 години од своето постоење. Со тоа ќе се потврди фактот дека тие се значајна културна манифестација не само за Љубојно и Преспа, туку и за Република Македонија. Во изминатите 44 години на успешно организирање продефилираа голем број културно-уметнички друштва, музички ѕвезди, литературни дејци и други културолози. Оваа близу полувековна манифестација, останува трајно запишана во аналите не само на овој убав крај од нашата татковина, туку многу пошироко. На Илинден во Љубојно се собираат голем број иселеници од прекуокеанските земји, од европските земји, Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи од Претор, Сливница и Крани, како и голем број повратници од Преспа, Битолско, Охридско, Леринско и од Мала Преспа. Преубавото питомо село Љубојно и раскошната Преспа, кои се опеани во песните, впишани во хрониките и пренесувани во легендите, се родниот крај на Владо Пашариковски, човекот кој толку многу го сакаше, секогаш му се враќаше, и насекаде го афирмираше балканското поднебје, од каде што му се корените и од каде што киниса по светот, по нови предизвици. Животните иселенички пристани на овој голем патриот и доблесен љубанец, од Македонија му продолжија и завршија во Детроит, Мичиген, Соединетите Американски Држави. Но, каде и да одеше Владо Пашариковски, пак, се враќаше, толку, колку што му дозволуваа условите, и со огромна енергија, љубов и креативност, покрена низа активности и реализира традиционални манифестации за своето Љубојно, како што се познатите „Љубански илинденски иселенички средби“. Центарот на Љубојно Владо Пашариковски е син на Пандо Пашариковски, познат борец од Долна Преспа, кој животот го даде за слобода на македонскиот народ и Македонија. Тој беше убиен од фашистичките војници на тогашна Бугарија. Тоа свирепо злосторство се случи во 1944 година, во непосредна близина на Љубојно. Во тој период Владо бил дете и не можел да сфати што му се случило на семејството Пашариковски. По ослободувањето на Преспа и Македонија, започна еден нов живот во Љубојно, а Владо, како и генерациите потоа, ја почувствуваа слободата и развојниот самостоен животен тек, кои донесоа процут на ова убаво, големо село. Инаку, Владо Пашариковски е роден во 1939 година во Љубојно. Тој потекнува од македонско, христијанско и патриотско семејство. Основно образование завршил во Љубојно, во ОУ „Димитар Влахов“. Потоа, се запишал во Рударското училиште во Пробиштип, за да продолжи и како ученик и како практикант на Истра, во Хрватска. По завршувањето на средното образование се вработил во Рударскиот институт во Пробиштип, каде останал неколку година. Во тој период Владо Пашариковски, заедно со неговиот братучед Ванчо Пашариковски беа основоположници на Одбојкарскиот клуб во Пробиштип. Владо, особено беше добар одбојкар и беше еден од најдобрите во тимот „Љубојно“, екипа која беше единствена селска екипа во Македонија која имаше одбојкарски клуб, а кој се натпреваруваше во Првата македонска одбојкарска лига. Иако екипата беше од мало место, во споредба со градовите ширум Македонија, сепак, во Љубојно овој популарен спорт имаше големи традиции, а особено имаше талентирани момци меѓу кои Владо Пашариковски имаше посебно место во одбојкарскиот тим. Меѓутоа, иселеничките процеси си го направија своето, Владо Пашариковски, како младо момче заминал по белиот свет, кого иселеничките патишта го однеле во метрополата Детроит, каде живеат најголем број љубанци. Таму формира семејство со сопругата Пара, и станаа родители на четирите сина, наследници, кои гордо го носат генот Пашариковски, но и преспанскиот и македонско-американскиот ген. Во Детроит не мируваше кога беше во прашање македонската кауза. Тој набргу по пристигнувањето се вклучува во активностите на македонската доселеничка заедница, која станувала сѐ побројна, за конечно, најбројниот македонски етникум во Соединетите Американски Држави да биде точно во Детроит. Пашариковски беше со немирен дух, беше креативен и упорен, кога стануваше збор за афирмација на националните достоинства и афирмација на македонското име, на македонската црква, на својот македонски народ и на своите две татковини – македонската во која се роди, и американската, во која е неговото семејство и каде се наоѓа неговиот вечен дом. Тој беше дел од животот на себеорганизирање на Македонците во најголемата македонска доселеничка колонија во САД, во најголемиот светски центар на автомобилската индустрија, Детроит. Таму се вклучи во националното и духовно живеење на Македонците, кои беа најбројни од тетовскиот и преспанскиот крај. Уште од почетокот беше активен во црковните активности поврзани со црковната општина „Раѓање на пресвета Богородица“. Инаку, иницијативата за формирање и изградба на своја македонска црква меѓу Македонците од Детроит, постоеше уште од поодамна. Меѓутоа, таа желба се исполни дури кога на 14 јануари 1975 година се конституира Иницијативен одбор за формирање на Македонската православна црква „Раѓање на пресвета Богородица“ во Ворен – Детроит, која беше примена во закрилата на Светиклиментовата црква и потпадна под нејзина јурисдикција. Детроит Првата архијерејска литургија во оваа колонија ја отслужи надлежниот архијереј, митрополитот Кирил, во сослужение на тогашниот повардарски митрополит Михаил, подоцна поглавар на Македонската православна црква во една римокатоличка црква во август 1975 година, а потоа беше организиран пикник на кој присуствуваа повеќе илјади иселеници. Како резултат на бројните активности, собраните средства и силната желба на Македонците да имаат свој македонски духовен и културно-просветен дом, во периодот кога се одбележуваше 75-годишнината од Илинденското востание, на 13 август 1978 година, митрополитот Кирил, во сослужение на повеќе свештеници, а пред илјадниците посетители, го изврши осветувањето на местото, додека на 24 декември 1978 година, беше купена зградата во Ворен, која беше осветена на 20 јули 1980 година. Осветувањето го изврши митрополитот Кирил. За прв претседател на Македонската православна црква „Раѓање на пресвета Богородица“ во Ворен беше избран доблесниот патриот Владо Пашариковски, кој беше прифатен од сите иселеници во Детроит. Тој ги постави темелите на овој значаен црковно-национален центар во Детроит. Пашариковски живееше во Детроит, а мислеше на Љубојно. Затоа, речиси секое лето доаѓаше во куќата во која се родил, и подоцна изгради свој голем дом, и тука ги врвеше неговите можеби најспокојни и незаборавни деноноќија. Се напојуваше духовно од тоа место, кое, не случајно го носи името – Љубојно и беше дел од сите активности. Инаку, во летописните страници за Љубојно е запишано, дека токму на Илинден љубанци со гордост го истакнуваат своето бурно минато исполнето со непокор и борба за опстанок. Тоа е резултат на фактот дека на првиот Илинден се случиле бурни и драматични настани, а и во текот на окупацијата Љубојно било едно од жариштата на револуционерното движење и првата ослободена територија. Владо Пашариковски е дел од целокупното живеење на љубанци во родното место и во Детроит. Тој е еден од најголемите организатори на иселеничките средби во Љубојно, кои започнале на Илинден 1974 година. Иницијатори за овие средби биле Мијал и Владо (Аронот) Паспаловски, кои од Соединетите Американски Држави биле дојдени во родниот крај. Тие ја платиле музичката група да свири пред црквата „Свети Илија“, во која по традиција сите љубанци одат на Илинден. Таа прва веселба на Илинден 1974 година била спонтано прифатена од љубанци со аманет, секоја година да се веселат на Илинден пред црквата „Свети Илија“ и на Полена. Црквата „Света Богородица“ во Детроит Исто така, од почетокот на организирањето на Љубанските средби се вклучиле бројни иселеници и мештаните на Љубојно. Покрај претставниците на Месната заедница од Љубојно и љубанци, големи заслуги имаат и: Фестивалот „Илинденски денови“ од Битола, Општината Ресен, Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, бројни оркестри, естрадни уметници, фолклорни групи, медиумите во Македонија и во дијаспората, како и голем број вљубеници во Љубојно и нивни пријатели, кои со своето учество дале значаен прилог и придонес средбите да бидат богато организирани, да бидат масовни, да имаат поширок карактер и да бидат вечни. Притоа, посебно треба да им се оддаде признание на долгогодишните организатори Владо Пашариковски и Бошко Рајчовски-Пелистерски, како и на музичката ѕвезда Ламбе Алабаковски. Во почетокот, средбите во Љубојно имаа карактер во вид на панаѓурска прослава, но, како одминуваше времето, манифестацијата прерасна во значајна илинденска сенародна прослава и печалбарска средба. Така, во последните дваесетина години средбите почнуваат на 31 јули вечерта, со играорни и пејачки групи од разни краеви на Македонија, од поранешна Југославија, Бугарија, Мала Преспа, како и уметнички друштва на Македонците од Австралија, Канада, САД и европските земји. Притоа, треба да се истакне дека во овој долг период била соработката со раководните структури на манифестацијата „Илинденски денови“ од Битола. Тие, речиси, секоја година, на сметка на нивната значајна манифестација, за 31 јули испраќаат фолклорни групи и оркестри да настапат на Полена, за што љубанци ја изразуваат својата благодарност. За средбите во Љубојно се практикува на празникот Илинден, во 9 часот да се посети црквата „Свети Илија“, каде се одржува богослужба, а потоа да се посети и спомен-плочата подигната на куќата на Калајџиовци, а во чест на паднатите борци во Илинденското востание. Исто така, се посетува спомен-плочата на борците од НОБ на Полена, каде почнува веселбата со музички групи и пејачи од македонската музичка естрада. Се свири и се игра до доцна во ноќта на Илинден. Пашариковски многу посветено и со голем ентузијазам се ангажираше една ваква манифестација да биде успешна и да трае долго, како традиција и своевиден културен и духовен амблем на Љубојно. Крај
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |