ЛИЧНОСТИ ОД ПРЕСПА: ПИСАТЕЛОТ МЕТО ЈОВАНОВСКИ ОД БРАЈЧИНО – МАКЕДОНСКИ РОМАНСИЕР

Мето Јовановски, скопскиот братичанец, беше познат македонски раскажувач и романсиер, кој зад себе остави 30 книжевни дела, беше и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права како и претседател на Македонскиот ПЕН-центар. Тој припаѓаше на повоената генерација македонски писатели кои меѓу првите пишуваа на македонски јазик, а тој самиот и го негуваше, го афирмираше македонскиот јазик, но и будно следеше и укажуваше како тој се користи. Исто така, тој преведуваше и дела од англиски и руски јазик на македонски јазик

Мето Јовановски е роден на 18 октомври 1928 година во селото Брајчино, Долна Преспа. Основно училиште започнал да учи во родното село а завршил  во осумгодишното училиште во Љубојно, за потоа да продолжи Учителска школа во Скопје. Целиот живот го помина во Скопје, за на крајот пак да се врати во родното Брајчино, каде му е вечното почивалиште.

Со Брајчино беше поврзан целиот свој живот. Таму го реновира домот што го наследи од родителите, таму пишуваше, се радуваше и во исто време тагуваше. А, селото Брајчино стана најпознато поради неговото име и дело. Тоа е село кое преку Љубојно или Наколец или Долно Дупени е поврзано со Големото Преспанско Езеро.

Селото е сместено на источниот дел од Големото Преспанско Езеро,  во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во делот на живописната Брајчинска (Стара) Река. Се протега на обата брега на реката,  а се наоѓа на надморска височина од околу 1000 метри.

Преданијата говорат дека селото некогаш било преместено. Како негова претходна местоположба се спомнува месноста Рамни Пат, во близина на Станишарско Мосте (источно од денешната местоположба на селото). Како причина за ова се наведуваат поројните дождови и честите штети предизвикани од нив. Брајчино пред неколку стотина години не било село, туку заселок со пет-шест куќи, кои претрпел големи штети при некои исклучително силни поројни дождови, поради што жителите го напуштиле и се раселиле во други краишта. Но, поради своите природни убавини, селото повторно било населено со луѓе од разни краишта. Бројот на жителите постојано се зголемувал, со што по извесно време се создала права преспанска населба.

metoj2

Куќата на Јоновци во Брајчино

Мето Јовановски беше долгогодишен член и, неколку години, претседател на Македонскиот ПЕН-центар. Тој има голем придонес во афирмацијата на Македонскиот ПЕН-центар, а со тоа и афирмацијата на македонската книжевност и култура. Инаку, принципите на Меѓународниот ПЕН-центар – слободата на изразувањето, правата на колективите и особено на поединците, мирот и заштитата на писателите во затвор, беа принципите кои тој ги прими како принципи за кои се бореше, како во рамките на ПЕН-центарот, така и како основач и претседател на македонскиот Хелсиншки комитет.

Беше член на Македонскиот ПЕН-центар уште од неговите почетоци во 1962 година, а како претседател учествуваше на редица негови конференции и конгреси. Мето Јовановски беше истакнат раскажувач, романсиер, патописец, сценарист, преведувач, уредник на списанија, уредник во издавачки куќи, уредник на филмската редакција во Македонската телевизија.

Во книгите на Мето, на некој начин може да се види сликата на течението, на еволуцијата на македонската литература во период од шеесет години по војната. Првата книга „Јадреш“, ја објавил во 1956 година. Мето имаше широко љубопитен дух. Беше голем читател и, освен тоа, голем преведувач.

Неговите преведени книги прават една мала библиотека и тоа секогаш на важни дела – од „Тао те Кинг“, потоа „Тибетанската книга на мртвите“, понатаму „Рамајана“ и „Махабхарата“, до, на пример, „Нациите и национализмот“ на Хобзбаум. Беше многу љубопитен и слободољубив, тој се ангажираше и во Хелсиншкиот комитет и во Македонскиот ПЕН-центар, чија повелба лежи токму на принципите на слободата на изразувањето, на заштитата на писателите во затвор, на јазикот и на мислата.

Низ родното место и местото на почивалиштето на писателот Мето Јовановски, непосредно до неговата интересна со камен изградена куќа, кај Полената тече бистрата и бујна Брајчинска Река, која го дели селото на Горно Маало од нејзината лева страна и Долно Маало на нејзиниот десен брег. Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи бистри водотеци (леви и десни притоки на Брајчинска Река или Стара Река, како што ја нарекуваат староседелците) на која некогаш во селото работеле 12 воденици, 4 валалници, една пилана и единствената хидроцентрала во Преспа која била изградена во повоениот период и ги снабдувала четирите села Брајчино, Љубојно, Наколец и Долно Дупени со електрична енергија.

Брајчино е село од збиен тип, со стари и нови куќи, сите на кат, градени од камен, а поновите од блок-тула, покриени со ќерамиди. Околу куќите постојат дворни места во кои се изградени стопанските и други објекти (плевни, штали, тремови, гумна, гаражи, магацини, фурни и др.), а во некои постојат зеленчукови и овошни градини. Поголем број од постарите куќи се обновени, каков што е случајот со куќата на Мето Јовановски, а се изградени и нови куќи..

Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на четири поголеми маала: Горна Маала (го зафаќа источниот), Долна Маала (северозападниот), Чороловска Маала (западниот) и Камејнче Маала (јужниот дел на селото). Маалата меѓусебно ги поврзуваат два бетонски моста на Брајчинска Река и повеќе стрмни, тесни, но асфалтирани улици. Покрај Брајчинска Река, како нејзина лева притока низ селото тече и реката Брезница. Горенаведените податоци го прават селото Брајчино да стане привлечно туристичко место.

Планинските падини околу Брајчино изобилуваат со густа букова и дабова шума, а од самото село почнувајќи од ширината на игралиштето пред Горното Маало водат неколку обележани планинарски патеки кои низ густата букова, дабова и ореова шума богата со извори, водат кон врвот Пелистер (3 часа) и Големото Езеро од Пелистерски Очи (6 часа), планинарските домови Неолица и Копанки и селото Нижеполе во Битолско, кои се обележани со патоказни табли и планинарско обележување.

Голем број од неговите дела беа инспирирани со условите, судбините, изворите, приликите и неприликите во неговото Брајчино. А, тоа  е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Неговите соселани својата егзистенција секогаш ја обезбедувале преку земјоделството, сточарството и печалбарство. Но денес и тие малку што останале во селото се занимаваат со овоштарство и селски туризам, а во 2002 и 2004 година на Брајчинска Река беа изградени 2 рибника, во кои се одгледува пастрмка.

Често се вели дека Брајчино е едно од перспективните селски населби во која за развој на туризмот се користат планината, близината на Преспанското Езеро, самото село со својата занимлива архитектура и црковни храмови. Самото село живее од развојот на селскиот туризам.

Но, се чини Брајчино е најпознато по семејството Јовановски,  по името и делото на Мето Јовановски неговите деца Билјана, Борјан и Светлана, како и неговиот брат Кире кој  живееше во Битола и беше добар другар од заедничките студии и војнички дружења со авторот на овие редови Славе Катин

Мето Јовановски работеше како новинар во весникот „Нова Македонија“, а потоа како уредник во Филмската редакција при МРТ. Беше претседател на Македонскиот ПЕН-центар. Беше и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а беше и  негов почесен претседател. На 9 ноември 2006 година заедно со Слаѓана Тасева ја основаа невладината организација за борба против корупцијата, Транспарентност – нулта корупција.

metoj3

Скопје

Творештвото на Мето Јовановски брои повеќе од 30 книжевни дела. Објавуваше збирки песни, раскази, романи, песни за деца, а од нив, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици. Тој е автор на делата: „Љуман Арамијата“ (книга за деца, 1954); „Јадреш“ (раскази, 1956); „Хајка на пеперутки“ (роман, 1957); „Мени на мојата месечина“ (раскази, 1959); „Кој е кој, што е што“ (лексикон, 1963); „Слана во цутот на бадемите“ (роман, 1965); „Земја и тегоба“ (роман, 1968); „Сведоци“ (роман, 1970); „Првите човекови умирања“ (раскази, 1971); „Мал литературен лексикон“ (1971); „Будалетинки“ (роман, 1973); „Патот до осамата“ (раскази, 1978); „Една друга Америка“ (антологија, 1978); „Орловата долина“ (роман, 1979); „Војвода над војводите“ (книга за деца, 1980); „Клучевите на Манхатан“ (патопис,1983); „Крлежи“ (роман, 1984); „Крстопат кон спокојот“ (раскази, 1987); „Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“ (роман, 1992); „Љубовта на Грифонот“ (раскази, 2005); „Погубата на претседателот“ (роман, 2007); „Писма до саканата или Есеј за љубовта“ (роман, 2009); „Човекот во сина облека“ (раскази, 2011).

Во кариерата долга шест децении објавувал различна литература, а од неа, особено расказите се објавувани на повеќе светски јазици. Јовановски преведуваше од англиски и руски јазик, а неговите најпознати дела се преведувани на повеќе светски јазици.

Мето Јовановски кој беше еден од значајните македонски писатели почина на 23 декември 2016 година. По повод неговата смрт, неговите колеги од ПЕН-центарот, пријатели и роднини му оддадоа признание на Мето за неговиот придонес и афирмацијата на македонската книжевност и култура.

По тој повод во Гем Клубот во Скопје, со присуството на голем број колеги, соработници, пријатели се одржа комеморација за писателот Мето Јовановски кој по кратко боледување почина во Скопје на 88-годишна возраст.

Исто така и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија одржа комеморативна седница во чест на починатиот писател Мето Јовановски, кој беше првиот претседател на Комитетот.

Погребот на писателот Мето Јовановски, по негова желба се изврши во неговото родно село Брајчино, каде е неговиот вечен дом, на 24 декември 2016 година..

Продолжува

 c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

slavekatin@gmail.com

www.slavekatin.com