Јосиф Грежловски – Гандето е роден во Љубојно, каде завршил осумгодишно училиште, потоа завршил средно образование во Битола, а две години студирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, отсек – Биологија. Во 1967 година заминал за Детроит, а денес живее во Флорина. Во Детроит ги продолжил своите студии и дипломирал на државниот универзитет Веин (Wayne), отсек – Биологија. На истиот универзитет завршил и постдипломски студии и се стекнал со титулата Мастер за образование (Master of Education)
Јосиф Грежловски-Гандето е македонски интелектуалец кој свил звое гнездо во Јужна Флорида. Меѓутоа, Љубојно, Преспа и Македонија оставиле силни траги во неговиот живот и творештво. Освен со литература се занимава и со поезија, како и со истражување на македонската историја. Пишува на македонски и на англиски јазик и е еден од најплодните македонски писатели во дијаспората. Тој е вљубеник во љубанскиот говор, а најомилена дисциплина му е античката историја, особено македонските кралеви Филип и Александар Македонски.
Јосиф Гандето, како што е познат во Љубојно потекнува од старото македонско семејство Грежловци и е втор братучед на авторот на овие редови. Имено, неговиот дедо по татко – Петре и Алексо – дедото по мајка на авторот на ова дело, кој до завршувањето на Средното техничко училиште го носеше презимето Грежловски, за потоа на факултет да го промени во Николовски, а сега Славе Катин, беа родени браќа, кои имаа слична печалбарска судбина, како и голем број Преспанци од етничка Македонија.
Овој дел од Македонија не случајно често го нарекуваат македонска ΄Калифорнија΄, бидејќи таа голема Преспанска Рамнина е полна со плантажи од јаболка. Долна Преспа во која припаѓа и Љубојно е вистински резерват на илјадници птици, риби животни и голем број растенија. Богатата флора и фауна го прават уште попривлечен овој крај. Преспа е единственото место во светот каде што живеат толку многу пеликани на едно место.
Спектарот на боите што се пренесува преку питомите води на Преспанското Езеро е раскошен во секој временски период, што е резултат на мошне благата клима, со минимална влажност. Затоа со право се вели дека Преспа е еден вид рај на Земјата, место за живеење и рекреација.
Панорама на Љубојно Куќата на Гандето во Љубојно
Исто така, значајно за Љубојно е постигнувањето на спортски план. Љубојно беше единствена селска населба во Македонија која имаше одбојкарски клуб, а кој се натпреваруваше во Првата македонска одбојкарска лига. Одбојкарскиот клуб Љубојно, се натпреваруваше заедно со елитните екипи, Вардар, од Скопје, потоа екипите од Титов Велес, Струмица, Тетово, Битола и други градови во Република Македонија.
Иако екипата беше од мало место, во споредба со градовите ширум Македонија, сепак, во Љубојно одбојката имаше големи традиции, а особено имаше талентирани одбојкари кои го освоија третото место во Македонија. Меѓу тие бројни одбојкари коишто постигнаа големи и за почит резултати и еден од најталентираните беше токму Јосиф Грежловски-Гандето.
Според биографските податоци, Јосиф Гандето е роден во Љубојно во 1945 година. Осумгодишно образование завршил во ОУ „Димитар Влахов“ во Љубојно, средно образование во Битола, а две години, во периодот од 1964 до 1966 година студирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, отсек – Биологија. Меѓутоа, во 1967 година заминал за Детроит во Соединетите Американски Држави, каде живее до денес. Во Детроит ги продолжил своите студии и дипломирал на државниот универзитет Веин (Wayne), отсек – Биологија. На истиот универзитет завршил и постдипломски студии и се стекнал со титулата Мастер за образование (Master of Education).
По завршувањето на студиите се вработил како професор во Средното католичко училиште „Нотер Дам“ (Notre Dame), во местото Харпер Вудс, во Мичиген во периодот од 1972 до 1975 година. Потоа заминал за Флорида и продолжил да ја специјализира својата струка завршувајќи специјален степен на Универзитетот во Форт Лодердеил Specialist Degree на Nova-South-Easter University во Fourth Lauderdale. Потоа, продолжил да работи како професор во средно училиште во Мајами, Флорида, сè до неговото пензионирање.
Инаку, бројот на литературните дејци од Љубојно кои објавиле свои дела, исто така, е голем, меѓу нив познати се следните љубанци: Богоја Ничевски, Наум Манивиловски-Преспански, Методија Фотев, Стојан Лембо, Славе Николовски-Катин, Јосиф Грежловски-Гандето, Константин Дораковски, Бошко Рајчовски-Пелистерски, Цвета Карапашовска-Толовска, Спасе Јовковски, Љуба Димовска, Лилјана Оливеро, Жаклина Петревска-Робертс, Бранко Ристовски, Слободан Рајчовски и други.
Во последните десетина години, се чини еден од врвните автори од Преспа, а и од македонската дијаспора кој пишува на англиски и на македонски јазик е, секако, Јосиф Грежловски-Гандето. Првото негово дело во англискиот опус му е „Разликите меѓу античките Македонци и античките Грци (Елини)“ (The Differences between the ancient Macedonians and ancient Greeks (Hellens) објавено на англиски јазик во 2002 година. Потоа, во 2005 година го објави романот „Еден златен зрак над карпата“, (One Golden Ray Uppon the Rock), а во 2006 година го објави романот „Волците од Траперс Блаф“ (The Wolves of Trapper Bluff).
Во 2003 година, на македонски јазик, пак, ја објави збирката песни „Муабети“), романот „Виделото на Спаса“(2004), поемата „Ко јагне“(2005), а романите „Сараф“(2009) и „Гробот на Росамарина“ ги објави во 2012 година.
Се чини Јосиф Грежловски-Гандето го постигна својот успех со романот „Виделото на Спаса“, кој во 2006 година на конкурсот за наградата беше избран за „Роман на годината“ од редакцијата на „Утрински весник“. Во продолжение е поместен извадок од романот „Виделото на Спаса“:
„Од подотворената врата на „рест руум“, така го викаше Барбара, свиреше едно загушливо брмчење на пиштолот за сушење коса, а од отворената врата на спалната цепеше една мелодија на зарипнат пејач со гитара.
Во пресечкани, кратки наливи ќе зафучеше необичен мирис на шампон за коса, а со отворањето на вратите ќе допреше и еден чист убав мирис на сапун.
Алексо, исто како кучињата во ладните есенски денови, кога ветрот ќе носеше сем-секакви турлии од насобрани мириси од шумата и полето, ги одбираа тие молекуларни надрази со муцката свртена кон ветрот, тој со главата поткрената ја отсебетуваше мешаната понуда што целосно ја имаше завиено куќата на Барбара. Пиштолот со таа загушлива рапава мелодија молкна и вратата од реструмот се отвори, за да го нагласат влегување во кујната стапалките од Дорти што го крцкаа душемето.
Еден убав, веројатно, скап мирис, што Алексо не го имаше сретнато досега, се рашири низ затоплената куќа во која парното топлење си јачеше под железните решетки како хармоника. Тргна неколку зафати со носот а мислите го удрија на еден пресен планински здравец што често растеше под сенките на буките близу до поточињата или реките низ кои ќе течеше, една како мраз, ладна и чиста ко солза планинска вода.
„Ах, Секидер ти е ко некој рај; буките тоарени со мов ќе беа распрострени над реката, а водата црно-сино-зелена ќе се виткаше околу камењата на кои ќе беше нафатена зелена лизгава трева, ќе се вртеше околу бучалата за да во еден момент, како да се потсетила каде треба да оди, ќе се спуштеше кон другото бучало со еден исти забрзан пад под наведените ветки од дрвјата.
Паприте, пак, ќе се витлаеја над брановите на брегот, и ќе се киснеа во водата со врвот од долгите завиткани листови како корито. Тука, освен мекото и кротко жуборење на водата, се друго беше затаено под тежината на свежата и бујна природна вегетација на шумата што го затвораше хоризонтот. До стените покрај реката секогаш имаше порасната трева со долги ластарести сламки на чии врвои ќе беа обесени џуфлести класје што како француски баретки лесно беа подсвиткани кон зраците на сонцето што се провираа низ плетот од грмушките.
„Ах, колку беше убаво во планината“, си мислеше Алексо а пред себеси го гледаше своето старо овчарско куче како се шета над трлото во Колибите.
Мислите го префрлија кон тие есенски приквечерини кога неговиот дедо Сараф беше убиен од арамиите. „Дете бев, можи да бев некаде шест до седум години“, си мислеше тој. И како да пуљи пред него кога тој, арамијата го застана него и Костадина кога се вратваа од трлото°.
„Алекс, еј Алекс“, викаше Барбара од вратата над скалите.
Алексо се спреми набрзина и се качи горе по скалите. Во кујната на масата седната пиеше кафе ќерка и на Барбара Дорти, а, пак, Барбара уште приготвуваше некои нејзини верзии на јајца со пржена сланина. Таа постојано во неделите правеше јајца и тенко исечени луштенки од сланина што таа ги викаше „бејкон енд егз“. Во пајнцата пред Дорти имаше и пржено лепче намачкано со путер.
Флорида
Во продолжение ќе поместиме извадок од романот „Волците од Траперс Блаф“, кој е напишан на англискли јазик:
„Колет го посетуваше универзитетот Аубурн во Алабама, но поради финансиски причини, така ѝ објасни таа на Кетрин, беше принудена да се врати во Бристол кај својата баба. Родителите ѝ биле разведени и таа немала блиски контакти ни со едниот ни со другиот родител. Беше ненаметлива и скромна во своите излагања. Не се впушташе во подлабоки разговори, па дури и обичните прашања за нејзиното минато остануваа учтиво заобиколени.
Се добиваше впечаток дека Колет сакаше да го остави минатото зад себе и дека не се чувствуваше комотно за да разговара околу тоа. Кетрин ја одобруваше нејзината постапка и настојуваше во секој даден момент да премине на друга тема. „Кога таа ќе посака да се отвори, јас ќе бидам спремна за разговор“, си рече таа. „Засега, ќе оставам сè на нејзината волја“. Свесна од прочитаниот курс на акциите, Кетрин го почитуваше нејзиниот простор.
Професионалниот однос на Колет ѝ одговараше иако, на моменти, чувствуваше потреба да го елиминира тој пластично креиран ѕид и да воспостави еден попријатен, близок контакт со неа“.
Денес Јосиф Грежловски – Гандето живее во еден прекрасен македонски дом на јужниот дел на Флорида, во Соединетите Американски Држави. Таму тој интензивно се занимава со неговото литературно творештво, но во исто време мисли и пишува за неговата родна Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН