Бернс: Донираната опрема е чекор кон зајакнување на владеењето на правото

Амбасадата на САД во Скопје донираше техничка опрема за аудио снимање на судските рочишта за 25 судници во Основниот кривичен суд во Скопје.

Американската амбасадорка Кејт Мари Бернс, која присуствуваше на судско рочиште на кое беше промовирана аудио опремата, посочи дека ова е важен чекор кон зајакнувањето на владеењето на правото во земјата.

– Опремата ја зголемува транспарентноста и ефикасноста на рочиштата. Ја зголемува довербата на јавноста во институциите. Судиите, обвинителите и адвокатите ќе може да се фокусираат на тоа што се зборува, наместо да водат белешки. Постоењето аудио запис ја зголемува правичноста и точноста на постапките, изјави Бернс.

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев посочи дека правната држава и владеењето на правото се состојби кои постојано се создаваат и затоа декларативноста во однос на владеењето на правото бара постојани инвестиции.

– Во периодот наназад правосудниот систем не беше добро оценуван, пред се од граѓаните, меѓутоа таа перцепција постојано ја менуваме. Секогаш кога е најтешко, во тешките времиња до израз доаѓаат вистинските пријатели. Таков е случајот со Амбасадата на САД. Тие ни ја подадоа раката и ни помогнаа, истакна Џолев.

Посочи дека со донацијата се опремени 25 судници, што ќе придонесе за доследно спроведување на Законот за кривична постапка што предвидува аудио снимање на сите рочишта и ќе се забрзаат судските процеси.

Судските расправи во Основниот кривичен суд Скопје од денеска ќе бидат аудио снимани и пишаните записници се заменуваат со тонски кои директно ќе влегуваат во АКМИС-системот.

Во пракса тоа значи дека досегашната обврска судот да доставува пишани записници ќе биде заменета со издавање на аудио цд-а по завршување на секое од рочиштата.

Тоа треба да придонесе за ефикасноста, така што ќе се избегнат повторувањето и прекините, што досега се честа пракса поради неможноста на записничарите да ги следат и внесуваат на записник адвокатите, обвинителите, сведоците или обвинетите кои зборуваат побрзо. Со тоа ќе се намали и делокругот на работа на записничарите, кои сега ќе треба да следат дали функционира аудио опремата и тонските снимки влегуваат во АКМИС системот.