Димовски ќе реферира пред надзорната комисија за преземањето кадри од поранешна УБК

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски денеска пред  Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање ќе информира за приемот на работници од поранешната УБК во АНБ, која почна со работа од 1 септември.

Прва точка на дневен ред на седницата е Информирање на Комисијата од страна на директорот на Агенцијата за национална безбедност во врска со преземањето, селекцијата и изборот на работници од УБК во АНБ.

За кадровските промени пред Комисијата ќе реферира и Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за разузнавање. Кадровските промени и состојбите во Агенцијата за разузнавање се втора точка на днениот ред.

АНБ, која всушност ја замени УБК официјално почна да функционира од 1 септември, откако на почетокот на минатиот месец на владина седница беше констатирано прекинување на фукцијата на последниот директор на УБК, Горан Николовски.

Законите за реформа на безбедносниот систем беа донесени со консензус меѓу власта и опозицијата, пратеници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се вклучени како набљудувачи во селекцијата на кадри во АНБ, а вчера членот на Комисијата за селекција и избор на работници од УБК во АНБ Трајчо Димков преку соопштение информираше дека до премиерот Зоран Заев поднел оставка на местото во ова тело.

Димков, кој е пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во соопштението посочува дека чувствува обврска да ја информира јавноста за мотивите за оставката, нагласувајќи дека за член на Комисијата бил избаран со решение на Владата.

– Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се базираше на субјективни па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми. Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса, односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу кадрите кои би влегле во АНБ. Според мене, имаше неколку клучни моменти врз основа на кои се направи ваков избор, односно не се постапи согласно новиот закон за АНБ. Не се реализираше тестот за интегритет кој требаше да се спроведе согласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така, од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање, наведува Димков.

Новоформираната АНБ, која произлезе од препораките на Рајхард Прибе за реформирање на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјата по скандалот со прислушувањето, од почетокот на своето работење се соочи со обвинувања дека дел од вработени имаат кривични пријави, некои од нив двојно државјанство, а има поплаки дека мал процент од вработените се од албанска националност.

Димовски во интервју за МИА во однос на забелешките во јавноста во однос на селекцијата на кадрите вработени во Агенцијата вели дека комисијата одржала 39 состаноци во изминатиот период и конечно ја усвоила листата со потребниот број вработени кои ги задоволуваат критериумите што претходно биле утврдени. Нема да дозволиме, истакнува, во Агенцијата да работат луѓе кои евентуално имаат конфликт на интереси, да има припадници кои не ги исполнуваат општите и посебните услови.

Потенцира дека воделе сметка за законската обврска за правична застапеност, но и строго ги почитувале одредбите од членот 67 од Законот за кандидатите за вработување или на оние кои работеле во поранешната УБК со евентуално двојно државјанство. Важно е да се напомене, додава тој, дека ветингот не претставува чин, туку процес, и за сите дополнителни сознанија што ги имам и за веќе селектирани кандидати ќе бидат преиспитани во рамките на еден процес на проверка и ќе се раководат врз основа на добиените резултати од тој процес.

А министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека за околу 50 вработени од поранешната УБК има утврдено безбедносен ризик за работење во безбедносните служби и ќе мора да го напуштат МВР со што би се распределиле во други државни институции.

Министерот рече дека вработените во УБК кои не аплицирале за новата агенција остануваат во МВР, а оние кои не го поминале ветингот одат во други институции.

Од сведоците во случајот Таргет-Тврдина, луѓето кои ги открија и изнесоа од Управата нелегално снимети материјали „бомбите“ само Звонко Костовски аплицирал и е примен во Агенцијата за национална безбедност, додека пак Лазаревски воопшто не аплицирал и останува во МВР.