Синоќа во 18:30 часот се одржа закажаната средба на Иницијативата за една изборна единица со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој одговори позитивно на нивното писмено барање за разговор околу промена на изборниот модел од шест во една изборна единица.
На средбата беа присутни речиси сите пратеници од Иницијативата, а од страна на СДСМ беа присутни и заменик-претседателката Радмила Шеќеринска и членот на највисокото раководство Рената Дескоска.
По изнесените аргументи за потребата од промена на изборниот модел, претставниците на СДСМ ја искажаа својата силна поддршка за реформи во изборниот систем, како и за една изборна единица и отворени листи, што беше нивна заложба и пред последните парламентарни избори. Сметаат дека е добро што со оваа иницијатива се отвори јавна дебата и се надеваат дека ќе се обезбеди широк консензус во општеството.