Прилепскиот Дневен центар за деца со церебрала парализа одбележа една година постоење

Со претставата „Пепелашка“ и со музичка програма, децата од Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Прилеп го одбележаа едногодишното постоење на овој центар каде се сместени 20-на деца.

Според Бранка Пројческа, социјален едукатор во Дневниот центар, ова е една голема приказна со која им се излегува во пресрет на лицата со попреченост.

– Со целиот тим сме горди на досега постигнатото. Изминатата година беше предизвик за сите нас, беше успешна и ќе продолжи да биде така. Еден ваков Дневен центар претставува голема приказна, тука се самите корисници со нивните потреби, родителите, можноста да се излезе во пресрет на секој вид попреченост. Нашата обврска е постојана, а поддршката што ја имаме од општествените институции е секогаш навремена, изјави Пројческа.

Живко Силјаноски, директор на прилепскиот центар за социјални работи е убеден дека децата се внесени во општествените секојдневни животни текови.

– Веќе една година ова е место на храбри луѓе, храбри колеги кои секојдневно се со децата кои се влезени во општествениот живот. Успеавме да ги внесеме во општественото живеење, работиме на тоа и општеството да го внесеме во овие институции. Нашата посветеност и понатаму останува. Имаме нега, едукација, социјализација и по една година, исто како да беше вчера, продолжуваме да работиме со истиот тој ентузијазам, рече Силјаноски.

На одбележувањето на годишнината од прилепскиот Дневен центар за лицата со церебрална парализа, приелепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласи дека Дневниот центар целосно ја оправда својата намена за која и беше изграден.

– Изведбата на денешната програма на децата ја доживеав доста емотивно и со гордост може да кажам дека она што сме го направиле пред една година вроди плод и максимално е успешна работа. Им честитам на сите вработени и на раководителите за постигнатиот успех. Денеска сосема случајно овде се местат фотоволтаични панели, со што Дневниот центар ќе биде прва институција од јавен карактер каде ќе бидат поставени панелите. Ова нека биде само една симболика, бидејќи ние ќе продолжиме да инвестираме во интерес на сите граѓани, како што инвестиравме во овој центар, изјави Јованоски.

Дневниот центар за лица со церебрална парализа во кој престојуваат дваесетина корисници беше изграден минатата година во соработка со прилепската локална самоуправа. Општината го обезбеди објектот, а Министерството за труд и социјална политика од својот буџет обезбеди 1,8 милион денари за адаптација на просторот и со дополнителни 380.000 денари за набавка на опремата. Вработен е соодветен стручен кадар.