Охридски здравствени установи дел од меѓународен проект за подобрување на здравствените услуги

Охрид е дел од проектот „Подобрување на квалитетот и пристапноста на здравствената заштита и социјалните услуги во пограничните региони“, што се реализира преку „Интеррег“ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Северна Македонија.

Носител на проектот е државната болница од Пела, Република Грција, а како партнери фигурираат и ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо” и Здружението „Мозочен удар“ од Охрид.

Целта на проектот е подобрување на системот за здравствена и социјална заштита за луѓето кои живеат во прекуграничниот регион преку подигнување на квалитетот на здравствени услуги во целата погранична област, модернизирање на објектите, опремата и услугите во болниците и медицинските центри што се од регионално значење, воспоставување ефикасна здравствена мрежа и подобрување на пристапот на граѓаните кон здравствените услуги во прекуграничната област, како и развивање нов модел за прекугранична соработка помеѓу болниците и медицинските центри на Грција и Република Северна Македонија.

Во рамки на проектот Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо” ќе добие нови дијагностички и терапевски апарати, како и артроскоп со цел подобрување на досегашните услуги, како и понуда за нови услуги што до сега установата не ги нудела. Исто така ќе се изготви и компаративна студија анализирајќи го квалитетот на здравствените услуги пред почетокот на проектот и во периодот за времетраење на проектот.

Здружението „Мозочен удар“ од Охрид согласно проектот ќе добие апаратура за теренски прегледи, како и специјализирано амбулантско возило со кое ќе се спроведуваатниза теренски акции низ сите општини во Југозападна С.Македонија. Граѓаните ќе имаат можност да добијат бесплатни медицински прегледи за откривање на ризик факторите за настанување на мозочен удар. Активистите на здружението ќе спроведат и едукација на населението преку предавања и индивидуални консултации, поткрепена со печатени материјали (флаери и брошури), а од собраните податоци од теренските активности ќе биде изготвена студија што ќе прикаже кои се најчестите ризици на населението за настанување на мозочен удар и како истото се справува со нив.

Дел од потребната апараура за потребите на болницата Св.Еразмо е веќе набавена, а за дел се привршуваат тендерските процедури, додека здружението „Мозочен удар“ веќе имаше успешно спроведени теренски посети и највува уште една во Охрид на 6ти октомври во просториите на Планинската спасителнта служба при Црвен крст – Охрид.