Дигитално решение на европскиот извештај што се пополнува при сообраќајки е еден од предлозите на осигурителната индустрија и регулаторот во оваа област за натамошна дигитализација на процесите.
Потенцијалот со дигитализацијата, како што информираа денеска на прес-конференција, е огромен за развој на осигурителната индустрија во којашто ќе опстојат само тие што ќе ги прифатат промените. Од 11 компании на домашниот пазар само седум нудат онлајн продажба на патничко осигурување.
Прототипот на мобилната апликација за европскиот извештај го изработија студенти изминатиот викенд на хакатонот што се одржа во Скопје, а ќе биде претставен на настанот ИншурТек, што ќе се одржи на 2 и 3 следниот месец во Скопје, во организација на Агенцијата за супервизија на осигурување и Здружението на финансиски организации при Стопанската комора на Македонија.
Старт ап компании на настанот ќе презентираат дигитални решенија за подобрување на процесите на осигурителната индустрија.
– Со оваа мобилна апликација ќе нема потреба од изработка на хартиена форма на Европскиот извештај и рачно пополнување ан податоците, преку Гугл локација ќе се утврди местото на несреќата и ќе има можност и да се изврши сликање и да се испратат електронски до друштвата за осигурување без да има потреба да се оди кај нив. На тој начин ќе се скрати процесот на решавање и утврдување на штети. Хартиената форма нема да биде исклучена и ќе функционира паралелно, информира Климе Поповски, претседател на советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Како што потенцираше Ѓорѓе Војновиќ од Здружението на финансиски организации, дигитализацијата се одвива малку поспоро во нашата индустрија, но е неминовен процес за модернизација на целокупните процеси во осигурувањето, од продажба до решавање на штетите.
– Пазарот на осигурување и компаниите во Македонија се уште функционираат на еден традиционален начин со директна продажба, а нашите системи се уште се во фаза на доработеа за почеток на дигитализација. Почетоците на дигитализација во делот на продажба и проценка на штети се на пониско ниво, но сепак радува освртот на компаниите кон тоа. Имаме пораст во обновата на автоодговорноста, кај онлајн продажбата на патничкото здравствено осигурување, некои компании воведуваат обнова и продажба на осигурување на домот преку интернет, а имаме и компанија којашто воведува дигитална проценка на штетите, наведе Војновиќ.
Осигурителниот пазар во државава во првата половина од годинава бележи пораст од 6,87 проценти, при што кај неживотното осигурување има зголемување од 5,5 проценти, а кај осигурувањето на живот од 15,5 проценти.