Бугарскиот претседател Румен Радев за денеска закажа консултативна средба на државниот врв за билатералните односи со Северна Македонија и очекуванат одлука за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Средбата треба да се одржи во претседатескиот кабинет во 09:30 часот, а темата е „Преглед на билатералните односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на резултатите од работата на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања и очекуваната покана до Република Северна Македонија за пристапување во Европската унија“.
Поканети се да присуствуваат премиерот Бојко Борисов, претседателката на Парламентот Цвета Карајанчева, вицепремиерката и министер за надворешни работи Екатерина Захариева, координаторите на парламентарните групи, претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања и контрола на европските фондови, на изборната комисија, како и претставник на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни работи.
Бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, коментирајќи го неодамнешното интервју на претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека „доколку Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон Европската унија“. -Неприфатливо е некој да мисли дека тие едноставно ќе ја искористат Бугарија само за влез во Европската унија, рече Каракачанов .