На покана на Mисијата на САД во НАТО во неколку дневна посета на седиштето на Алијансата и на воената команда во Монс се наоѓа група од професори, политичари и претставници на НВО секторот од Република Северна Македонија која учествуваат во американската програма за креатори на политики.
Целта на програмата е размена на најновите безбедносни проценки, анализа на актуелните настани и случувања кои непосредно остваруваат влијание врз безбедностата состојба и развојот на натамошните приоритети на делување.
Република Северна Македонија е добредојдена и со нетрпение ја очекуваме во НАТО каде ќе го кренеме македонското знаме зошто на тој начин даваме значаен придонес кон безбедносна стабилизација и развој на земјата и целокупниот регион, е заклучокот од повеќето средби и предавања во американската мисија во НАТО.
Размената на информации и заедничките вредности ја прават посилна внатрешната демократија во земјата, била една од пораките за време на американската програма наменета за македонските креатори на политики. Меѓу другото, било нагласено дека светот постојано се менува, затоа во чекор треба да се следат сите промени и да се биде во тек со глобалните и регионални процеси и обидите за влијание на некои големи сили врз интеграциските процеси на Југоисточна Европа.
– Преку учеството во посебната програма на САД за креатори на политики стекнавме нови искуства и алатки, како и добивање на сознанија и податоци кои значајно може да најдат примена при креирањето на нови политики во земјава. Низ бројните предавања и искажани анализи за проценката за состојбата во регионот и глобалните настани може да заклучам дека се потребни нови пристапи во реализација на постојните политики, но и исполнување на превземените обврски и домашни задачи како држава идна членка на НАТО, истакна за МИА, професорот Марјан Ѓуровски, продекан за наука и развој на Факултетот за безбедност, кој беше еден од избраните учесници на американската програма за креирање на политика која се реализираше во мисијата на САД во НАТО во Брисел.
Вложувањето во одбраната и ресурсите на земјата, смета тој, треба да бидат приоритет пред заокружување на членството во Алијансата кое значајно ќе ни помогне со заедничкото справување со асиметрични и хибридни закани и да бидеме брана на руското влијание на Балканот.