Апелацискиот суд во Скопје ја одби жалбата на пратеничката Жаклина Пешевска и ја потврди првостепената одлука со која таа останува во домашен притвор, потврдија за МИА од судот.
Апелациските судии денеска ја разгледуваа жалбата на Пешевска со која се бараше да и биде укинат домашниот притвор кој и беше определен за настаните во Собранието од 27 април.
На јавната седница на која беше разгледана нејзината жалба, Пешевска изјави дека е загрозена нејзината и здравствената состојба на нејзините три малолетни деца. – Не можам да повторам дело кое не сум го извршила. Ниту ги имам загрозено животите на пратениците, а ни безбедноста на мојот народ, рече Пешевска пред судот.