Прилепскиот „Завод и музеј“ го почнува процесот на истражување, подготовка на проект и конзервација на иконостасот во црквата „Свето Благовештение“ кој иако е вредно културно наследство, 20 до 30 години нема интервенција да се заштити.
Според Благоја Атанасоски, директор на „Заводот и музеј“, формиран е тим конзерватори кои есенва ќе работат на истражувачките работи за изготвување проект за конзервација на Иконостасот. Оваа зима проектот ќе биде готов.
-Имаме пренаменето околу 200.000 денари за проектот за конзервација и заштита на иконостасот во прилепската црква „Свето Благовештение“. Формиран е тим од конзерватори кои есенва ќе работат на истржвачките работи за изготвување проект за конзервација на иконостасот. Оваа зима проектот ќе биде готов, а ние имаме конкурирано до Министерството за култура за средства за конзервација. Од Управата за заштита на културното наследство побаравме дозвола, но не ни одобрија превентивна интервенција. До крајот на оваа година проектот ќе го финализираме, изјави Атанасоски.
Комплетната конзервација на иконостасот ќе се одвива во фази и се очекува да почне идното лето.
– Ќе работиме на комплетната конзервација и на дрвениот дел и на иконописот на иконостасот. Средствата, околу 200.000 денари се обезбедени за истражувачките работи. Работите со конзервацијата на иконостасот ќе се одвиваат во фази и не може да завршат за една година, но се очекува да почнат идното лето, објасни Атанасоски.
Иконостасот во прилепската црква „Свето Благовештение“ е ремек дело на зографот Петре Гарката и е направен кога е изградена црквата пред 180 години. Најголем е во Македонија и е трет по нероценетата вредност, по иконостасите во Бигорскиот манастир и во скопската црква „Свети Спас“. Од прилепското архиерејско намесништво алармираа дека е во незавидна состојба иконостасот во прилепската црква „Свето Благовештение“ и дека постои опасност да падне ова ремек дело на копаничарството.