Министерот Сугарески се сретна со амбасадорот Тимоние

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната средба го информирал францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние за проектите што се реализираат во државава, во делот на патната и железничката инфраструктурата.

Сугарески, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, ги потенцирал проектите за доизградба на железницата на Коридор 8, и тоа проектот за изградба на пругата кон Албанија, како и доизградба на пругата кон Бугарија.

Амбасадорот бил информиран и со проектите што ќе се реализираат во следниот период во делот на изградба и реконструкција на патната инфраструктура во Република Македонија.

Министерот Сугарески ги повикал сите заинтересирани градежни компании од Франција да се приклучат кон реализација на овие проекти.

– Ова е моја втора средба со амбасадорот Тимоние. Ја искористив приликата да испратам апел до сите заинтересирани француски компании од областа на градежништвото да одговорат на нашиот повик за соработка и учество во реализација на проектите за изградба на инфраструктурата во Република Македонија, изјавил министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На средбата било договорено во декември да се одржи бизнис форум, на кој ќе присуствуваат компании од Франција кои ќе бидат запознаени со сите проекти што ќе се реализираат во делот на инфраструктурата.

Министерот Сугарески изразил благодарност за поддршката што Франција и ја дава на Македонија и во таа насока двете страни се обврзале таквата соработка да се интензивира во следниот период, соопшти Министерство за транспорт и врски.