Меѓународна конференција за европските вредности за иднината на земјите од ЈИЕ

Меѓународната младинска конференција на тема „Европски вредности за иднината на Југоисточните европски земји” почнува денеска во Крушево.

Конференцијата е во организација на Младински сојуз – Крушево, во соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Република Северна Македонија и Фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларија Скопје, како и поддршката од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа преку Германската амбасада во Скопје.

Конференцијата 17. пат традиционално се одржува во Крушево, Северна Македонија, а ќе биде отворена вечерва со обраќање на Методија Стојчески, претседател на Младински сојуз – Крушево, Томас Герберих, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија и Лидија Димова директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

На конференцијата ќе присуствуваат педесет и осум  активни младински лидери од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Италија, Германија, Косово, Црна Гора, Романија, Србија, и Турција, кои ќе дискутираат во Крушево за тоа како младите лидери можат да го поддржат процесот на евроатлантска интеграција на регионот.

Конференцијата ќе резултира со препораки и предлози за промоција на европските вредности, насочени кон лидерите и младите луѓе од регионот.