Неказнивноста на нападите врз новинарите го ограничува просторот за слободни медиуми

Новинарите се суштински дел од темелите на секое демократско општество и тие честопати се соочуваат со одмазда само поради вршењето на својата работа, додека злосторствата против нив остануваат неказнети. Неказнивноста на сторителите го ограничува просторот за слободни медиуми и широко споделување идеи и мислења.

Случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, кога беа нападнати новинари при вршењето на работните задачи, беше посочен како пример на работилницата за „Судската пракса и безбедноста на новинарите и медиумските работници“ што се одржа неделава во Академијата за судии и јавни обвинители.

Проблемот, според адвокатот Лазар Сандев, е во тоа што нема правни завршници, ниту ефективни истраги од страна на надлежните органи.

– До ден-денес немаме ниту еден решен случај во поглед на утврдување на сторителите кои ги имаат нападнато новинарите. Сè уште тие предмети се во Јавното обвинителство, од каде што не гледам дека има некоја проактивна улога во решавање на овие предмети, рече Сандев.

Во контекст на тоа ги посочи секојдневните закани по интернет-порталите, по фејсбук-профилите на одредени политичари и на одредени новинари, но, како што додаде, најтрагично е што има многу закани и од страна на новинари кон новинари.

– Тоа директно влијае врз безбедноста на новинарите во смисла на ефект на „ладење“. Новинарите помалку да истражуваат и да пишуваат бидејќи чувствуваат закана од трети лица на штета на нивниот физички и морален интегритет, истакна Сандев.

За да се надмине оваа состојба, како што истакна Сандев, новинарите треба да се потсетат на основната дејност на новинарството – да известуваат.

– Новинарите нека создаваат притисок во јавноста дека се чувствуваат небезбедно во вршењето на нивната дејност. А за неефективна истрага од страна на МВР или Јавното обвинителство нека говорат во јавноста, бидејќи на тој начин ќе создадат притисок кај надлежните органи дека нешто треба да се преземе во оваа насока, рече Сандев.

Поради честите физички и вербални напади на кои беа изложени новинарите, фоторепортерите и медиумските работници при извршувањето на своите професионални задачи, Здружението на новинарите (ЗНМ), Министерството за внатрешни работи (МВР) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје минатата година издадоа Прирачник за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик.

Прирачникот нуди практики и искуства на ЗНМ и на други меѓународни граѓански и политички организации од превенцијата на напади и притисоци кон новинарите.

ЗНМ, освен јавните реакции и следењето на случаите што се во постапка пред институциите, често нуди и бесплатна правна помош кога станува збор за повреда на нивните права. Освен тоа, во случаи што се водат по службена должност од страна на Основното јавно обвинителство, ЗНМ повеќепати има поднесувано барање за поведување кривични постапки во име на оштетените новинари.

Во случаи кога постоел сомнеж дека истрагата од МВР не е во согласност со законот или, пак, кога постојат докази дека правата на новинарите биле повредени од страна на припадници на МВР, ЗНМ се обраќа со претставка до Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди, кој е контролен механизам на Министерството врз работата на полицијата.

За оние случаи што се во судска постапка, без разлика дали се водат пред граѓанскиот или кривичниот суд, ЗНМ неколкупати годишно доставува барања во согласност со Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер со цел да има увид во која фаза се предметите.

Во случај кога има правосилна пресуда и потоа биле исцрпени сите редовни и вонредни правни лекови пред судските органи, а се исполнети условите за поведување постапки пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, ЗНМ има помогнато да се поднесуваат апликации за прекршување на одредбите од Европската конвенција за човекови права пред ЕСЧП.

Како што стои во извештајот, во оваа насока, шест новинари кои беа помогнати да ја бараат правдата 11 за инцидентите од 24 декември 2012 година, во март 2017 година ја добија пресудата „Селмани и други против државата“, која претставува прва пресуда во која се констатира повреда на членот 10 од Конвенцијата, односно прекршување на правото на слобода на изразување, како и на членот 6, кој се однесува на фер судење.