Во штипската касарна „Јане Сандански“ денеска беше реализирана првата вежба за справување со елементарни непогоди „Национален одговор 2019“.
Дел од сценариото на првата вежба беше излевање на браната Калиманци, најголемата акумулација на истокот, како и реката Брегалница и нејзните притоки. Како резултат на тоа беа поплавени куќи и индустриски објекти, а се појавија и свлечишта. Силниот ветар дополнително прави проблем на мештаните и на институциите.
Директорот на вежбата „Национален одговор 2019“, полковник Жикица Стојановски на презентацијата истакна дека во оваа вежба беа вклучени 300 лица од силите на Армијата, Министерствата за одбрана, внатрешни работи, здравство, земјоделство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЕВН, Црвен крст, штипските јавни претпријатија „Исар“ и „Стипион“, како и општинските сили за справување со кризи на општините.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски рече дека денешнава вежба „Национален одговор 2019“ била одлично организирана, а како дирекција учествуваа со специјализирани тимови, кои се обучени за вакви елементарни непогоди. Забележа дека иницијативата за вежбата е од минатата година, за да се создаде систем за справување со непогоди предизвикани од природата или човекот.
-Оваа вежба практично покажа дека треба да почнеме да го користиме „огледалото“, да не ги гледаме само убавите страни, туку да ги гледаме и недостатоците. Само така ќе можеме во следниот период се подобруваме и да гледаме што ни е потребно. Дефинитивно ни треба нова опрема и обуки, односно создавање тимови од млади луѓе, експерти, коишто ќе ги пуштаме и надвор, а веќе воспоставивме и пракса во Дирекцијата за заштита и спасување изминава година и пол пуштаме луѓе надвор од нашата држава за нивно тренирање, вели Џаферовски.
На денешната вежба „Национален одговор 2019’ се презентираше и како на терен би функционирал новиот дигитален команден систем за справување со кризи НИКС.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку вежбата ја оцени перфектно и војнички организирана, а и какошто рече така и сите институции треба да реагираат и работат и во реални ситуации. Забележа дека еден денар вложен во превенција заштедува седум денари при санација на штетите. Апелира Владата да даде поголемо значење, но и да инвестира и во институциите, коишто се вклучени при справувањето на ваквите непогоди. Буџаку потенцираше дека веќе се обучени и околу 600 лица за функционирање на НИКС системот, а наредната година ќе биде и официјално пуштен во употреба.
-Тоа е дигитално следење на ситуацијата, но ние можеме да се координираме како ЦУК, но ако локалната самоуправа нема доволно средства на пример да ја опреми пожарната единица, сето тоа можеби ќе остане само на компјутер. Значи државата треба повеќе внимание да сврти кон локалната заедница, но и кон фондовите со цел да инвестираат на пример во противпожарните единици, кои се во надлежност на локалната самуправа, велу Буџаку.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека деновиве локалните институции беа посветени на вежбата „Национален одговор 2019“, а во неа беа вклучени и вработени од двете јавни претпријатија, пожарникари и опремата со којашто располагаат.
-Можам да кажам дека за жал ова е прва ваква акција којашто се организира на волку многу институции, вклучувајќи ги и општинските. Видовме од акцијата дека многу е важна координацијата на терен, но и можам да кажам дека од оваа акција можеше да се види дека системот функционира, рече Бочварски.
Надлежните институции најавија дека веќе работат и на сценарио и за втора ваква вежба, но во зимски услови, а наредното сценарио ќе биде потешко.