Јоргос Арванитис на ИФФК „Браќа Манаки“: Пишувам со светлината

Пишувам со светлината, а тоа е така затоа што сум посветен на фотографијата, збор кој доаѓа од грчките зборови фото (photos) што значи светлина и графија (graph) што значи цртање со линии или пишување, појасни грчкиот кинематографер Јоргос Арванитис, годинашниот добитник на златна „Камера 300“ за животно дело.

На мастерклас во Битола, Арванитис потсети на своето легендарно тандем-партнерство со режисерот Тео Ангелопулос, како и преселбата во 1989 година во  Францијанегова втора професионална татковина.

-Во филмовите каде јас сум кинематографер, за ниту една фотографија не користам дополнително светло, затоа што верувам дека добрата фотографија не се прави со многу светлo, напротив таа се прави со добра организација и користење на природната светлина. Често предавам, давам лекции за осветлување, зборувам за осветлувањето во филмовите. Пишувањето со светлината според мене е уметност, вештина…истакна Арванитис.

Јоргос Арванитис од 1991 година е член на Француското друштво на кинематографери, често е наградуван, а попознати негови одличја се награда за најдобра камера на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто и на Европскиот филмски фестивал во Брисел. Од оваа 2019 година, Арванитис е и претседател на Грчкото друштво на кинематографери.

Наградата златна „Камера 300“ на француско-грчкиот кинемататографер Јоргос Арванитис ќе му биде врачена в сабота на свеченото затворање на јубилејниот, 40. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.