Радев: Поддршката на Северна Македонија не е безусловна

Бугарија треба да ја поддржува Северна Македонија во евроинтеграцијата, но не на сметка на бугарската историја и идентитет, кажал претседателот Румен Радев на средба со бугарските претставници во Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Радев им изразил благодарност на членовите на комисијата за досегашните резултати на Комисијата, но искажал и загриженост од тоа што последниот состанок во Софија заврши без напредок за спорните прашања.

– Напредокот во вашата работа е основен критериум за исполнувањето на Договорот за добрососедство. Последната средба на Комисијата создава неспокојство. Темпото на напредок во работата на Комисијата заостанува зад развојот на процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Следниот месец може да биде клучен во нашите односи, зашто Советот на ЕУ може да донесе решение за започнување на преговорите за членство со Северна Македонија. Ако вие можете да дадете гаранција дека за еден месец Комисијата ќе ги реши сите спорни прашања, тогаш бугарската Влада може да продолжи со политиката на безусловна поддршка на членството на Северна Македонија во ЕУ. Но, ако не може да се даде таква гаранција, Владата треба да преземе конкретни мерки и да заземе нова позиција со јасни критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес кои ќе ја засегаат и преговарачката рамка за Република Северна Македонија. Нема да допуштиме нерешени меѓусоседски проблеми да бидат внесени во нашето европско семејство, кажал Радев.

Во меѓувреме, пак, поддршка за отворање на преговорите на ЕУ со Северна Македонија изрази бугарската вицепремиерка и министер за надворешни работи Екатерина Захариева.

На средбата со претседателката на Комисијата за надворешна политика на албанскиот Парламент, Мими Кодели, Захариева истакнала дека Софија е еден од најголемите поддржувачи на идејата Скопје и Тирана да ги почнат преговорите со ЕУ во октомври. Ќе биде историска грешка ако двете земји бидат раздвоени и не ги почнат преговорите за членство, нагласила Захареива.