Чешиново-Облешево е избрана за пилот општина во реализацијата на проектот „Подршка за интегриран локален развој“ што во наредните две години ќе го реализира Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
На работен состанок со фармери, претставници на локалната самоуправа и на стручните служби од областа на земјоделството, делегацијата од ФАО се запозна со главните проблеми и предизвици со кои се соочува месното население, особено во производството на храна и социјално-економскиот развој.
– Причината поради која ја одбравме општината Чешиново-Облешево е што таа веќе беше вклучена во нашиот проект за консолидација на земјоделството земјиште, а со овие активности таа ќе добие комплементарна и дополнителна поддршка за локален развој на неколку села што допрва ќе ги определиме. Целта ни е да му помогнеме на овдешното население, но и на малите земјоделци да дојдат до современа и одржлива технологија за производство. Истотвремено, сакаме да помогнеме во руралниот развој за да се креираат нови работни места, не само во земјоделството, туку и во мали производствени погони, во услужните дејности, селскиот туризам и слично, истакна Мортен Хартвигсен, координатор во регионалната канцеларија на ФАО во Брисел.
Со поддршка од ФАО во висина од околу 240 илјади долари, за почеток ќе се изработи локален акциски план за развој, по што ќе биде упатен повик до заинтересираните граѓани да аплицираат за финансиска помош со која ќе се реализираат зацртаните развојни активности.
Според претставникот на ФАО, целта на проектот е да им се помогне на руралните средини во намалувањето на миграциските процеси преку поддршка на малите земјоделски стопанства и семејните фарми за подобрување на условите за живот и намалување на сиромаштијата. Освен Чешиново-Облешево, Битола е втората пилот општина во која ќе се спроведува првата фаза од проектот.