МД „Илинден“ со поддршка за кампањата „НашетоИмеЕМакедонија“

Македонско друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, даваат безрезервна поддршка за кампањата „НашетоИмеЕМакедонија“, организирана од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), од Торонто, Канада.

Во соопштението за јавноста, Друштвото искажува силна и безрезервна поддршка за кампањата „НашетоИмеЕМакедонија“ и јавно му се заблагодарува на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и на неговите партнери за организирањето на оваа кампања уште од 2010 година.

– Македонско друштво „Илинден“ ја повторува својата поддршка за единственото вистинско име на Македонија, ги отфрла сите обиди за промена или наметнување на некакво друго име за Македонија и македонскиот народ и бара од македонската влада да ги прекине тековните разговори во ОН и да поднесе Резолуција пред Генералното собрание на ОН со која што нашата земја ќе биде прифатена во ОН под единственото вистинско име – Република Македонија, се наведува во соопштенето.

Во истото се посочува дека Македонија е единствената нација во светот која не може во ОН да го користи своето име.

– Вкупно 137 држави веќе го признаа вистинското име на Македонија, што е околу две-третини од бројот на држави во Генералното собрание на Обединетите Нации. Меѓу тие држави се и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност, стои во соопштението потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и претседателот на огранокот, Или Халилај.