Стотина пожарникари, доброволци и граѓани од Прилеп се борат со големата огнена стихија која избувна вчера по 12 часот во околината на манастирот „Свети Димитирија“ кај прилепското село Селце. Во моментов со големи напори со пожарот се борат пожарникарите и доброволците, а гаснат и два авиона – канадери. Сите се обидуваат да го локализираат пожарот кој, за среќа засега не го зафати Манастирот. Горат преку 15 хектари нискостеблеска и борова шума, единствена околу Манастирот.
Пожарот први го забележале околу 500 основци и нивните наставници кој во тој момент биле на еднодневна екскурзија во Манастирот. Според Зоран Сребреноски, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски“ чии ученици биле на екскурзија веднаш пријавиле за пожарот, а децата безбедно биле изнесени од Манастирот и упатени во Прилеп.
-Со околу 500 ученици од основното училиште „Климент Охридски“ бевме на еднодневна рекреативна екскурзија во Манастирот. Кај 12:15 часот забележавме пожар на потегот помеѓу селото Селце и манастирот. Во 12:22 часот забечежавме пожар и ја алармиравме противпожарната единица. Децата беа на безбедно во манастирот. Имавме план како безбедно да ги извлечеме и во колони, пешки веднаш ги упативме спрема градот. Пожарот за 10-ина минути експресно се прошири до манастирот и ја зафати боровата шума, објаснува Сребреноски.
Веднаш на помош на пожарникарите им пристигнале жители на селото Селце и вработени во околните работилници, а потоа и вработени во јавните претпријатија и прилепчани кои постојано пристигнуваа и ја нудеа помошта во гаснењето на пожарот.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој веднаш пристигна во манастирот „Свети Димитрија“, за пожарот веднаш се реагирало и се побара авионска поддршка во гаснењето преку Дирекцијата за спасување и Министерството за внатрешни работи. Околу 14:30 часот двата авиона надлетуваа и се вклучија во гаснењето.
– Веднаш ни е упатена помошта и авионите учествуваат во гаснењет,о како и 100-ина пожарникари, доброволци од селото Селце, вработени во околните фирми и од прилепските претпријатија. Голема е мобилноста на екипите за да се изгасне пожарот, вели Јованоски.
Пожарникарите и доброволците настојуваат да го локализираат големиот пожар.