Оптимизам, протести во Грција за „Македонија“

Грчкиот премиер Алексис Ципрас преку интервјуто под наслов „Ако постои можност, ќе биде национална глупост да не ја искористиме“, за неделното издание на весникот „Етнос“ упати п орака дека би била национална глупост да не се искористи шансата за реашавање на прашањето за името. Во истовреме илјадници Грци се собраа во Солун на протест против „Македонија“ вом иемто на северниот сосед.

Ципрас тврди дека неговата Влада ги прани националните интереси и оти бара едно име кое ќе важи и за внатрешна и за билатерална и за употреба во ОН.

Посочува дека по политичката промена во Скопје гледа влада која изјавува дека е решена да направи чекори, но додава дека останува тоа да се покаже во пракса.

– Решавањето значи заемно прифатливо сложено име за севкупна употреба. А севкупна употреба значи дека не може да се вика различно во нашите билатерални односи и во ООН, а друго да е уставното име. Во однос на НАТО и ЕУ, работите се јасни. Интеграција во НАТО или отпочнување пристапни преговори за соседната земја ќе има само со решение на името, вели Ципрас за „Етнос“, пренесува МИА.

„Македонија е грчка“,  „Името е нашата душа“, „Не го даваме и не го отстапуваме името“, „Македонија значи Грција“, беа главните пораки што ги испратија организаторите на протестот во Солун, против името Македонија. Нешто повеќе од четири часа траеше официјалниот дел од собирот, а според грчката полиција, учествувале околу 90.000 граѓани.

Млади и стари, семејства со деца, пензионери, членови на партии протестираа во Солун. Според грчките медиуми, протестот, по масовноста ги надмина очекувањата, но ни приближно не наликуваше на демонстрациите од 1992

Протестот го поддржаа и митрополити од Северна Грција, а свое обраќање имаше и солунскиот митрополит Антимос.

Речиси во исто време со собирот, левичарски и анархистички организации одржуваат контра протест, но одѕивот беше многу помал. Пораките што тие ги упатуваа преку нивните плакати се дека се „против секаков национализам, наша татковина е целата земја“ и „Ни капка крв за имиња и меѓудржавни конфликти“.

Претходно, според локалните медиуми, се случи мал инцидент, кога анархисти, со шишиња и камења нападнале група демонстранти кои со грчки знамиња се упатувале кон протестот.

 

Во однос на протестот во Солун, грчкиот премиер во интервјуто за „Етнос“ објаснува дека ја почитува чувствителноста на неговите сонародници од северна Грција, велејќи дека и тој е полу Македонец, затоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија, од родители бегалци од источна Тракија. Но, додава дека националните интереси не се бранат со протести, туку со преговарачка способност, со меѓународни сојузништва, со поставени цели и со трезвеност.

Ципрас вели дека спорот за името не е внатрешно прашање, туку европско и меѓународно и уште еднаш потенцира дека за официјална Атина, главната тема е иредентизмот.

Грчкиот премиер е длабоко убеден дека решение што би било во национална корист би било изгласано со мнозинство пратеници и коментира дека Каменос нема да стане Самрас, со што индиректно порачува дека лидерот на Независни Грци нема да создаде проблеми во грчката влада.

Од протестот во Солун се огради и солунскиот градоначалник Јанис Бутарис.

– Многу сум разочаран, бидејќи по 25 години од спорот за името на Скопје ние сме во иста позиција. Психологијата, односот на многу грчки граѓани не се сменил. Проблемот е во тоа што луѓето сметаат дека Македонија ќе ни го одземе идентитетот, а тоа никој нема да го направи. Тие не се закана за нас. Луѓето се многу слабо информирани, се вообразуваат за разни работи кои не се вистина дека тие ќе ни ја украдат и преземат историјата, изјави Бутарис.

Во меѓувреме, со оптимистичи очекувања излезе заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји. Тој смета дека Македонија и Грција имаат вистинска можност да постигнат договор за т.н. прашање за името.

– Тоа можеби ќе е најдобрата шанса. Верувам дека постои политичка волја, како во Атина, така и во Скопје, да се постигне договор и да се реши ова прашање еднаш засекогаш, изјави Ји.

Посочува дека тоа ќе се бара напорна работа, бидејќи прашањето не е едноставно да се реши. – Ќе беше добро проблемот да се решеше пред 25 години, но ако двете држави продолжат да работат како сега, под раководство на Метју Нимиц, специјалниот претставник на ОН, како посредник, ние веруваме дека тоа е дефинитивно возможно, нагласува Ји.

По новата рунда разговори за името меѓу Македонија и Грција, со посредство на медијаторот Метју Нимиц, во среда во Давос, Швајцарија, ќе се одржи првата директна средба меѓу двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На средбата се очекува да се разговара за предлозите на Нимиц за решавање на спорот, како и за текот на активностите што треба да ги имаат работните групи, предводени од министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас.