Шилегов: За две години Скопје ќе биде велeград

Поврзувањето на северната и јужната страна на градот со велосипедските патеки е можеби најголемиот предизвик што го имаме и очекувам да го надминеме. За две години од сега Скопје ќе биде велоград со развиена велосипедска мрежа што ќе ги поврзува сите населби во главниот град. Ова денеска го најави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на трибината „Градот Скопје за подобра мобилност“, во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2019.

– Оваа година градиме и реконструираме нови велосипедски патеки во должина од 16 километри. Изградивме и реконаструиравме велосипедски патеки и велосипедски ленти на улиците „Московска“, „4 Јули“, „Даме Груев“, булевар „Србија“…, рече Шилегов. Најави дека велосипедски патеки ќе бидат изградени на булеварот „АСНОМ“, каде во моментов екипи работат на проширување, и на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“.

Потсети дека лани се изградени нови 14,6 километри велосипедски патеки, во вредност од 56,5 милиони денари. Во 2018 година, како што рече, се посветивме на градење на т.н. конектори што ги поврзуваат главните велосипедски рути во нашиот град. Додаде дека сите патеки се изградени согласно стандардите.

Шилегов посочи дека ги отстрануваат непрописно паркираните автомобили на јавниот простор и за таа цел поставуваат заштитни столпчиња и ослободуваат пешачки и велосипедски патеки. Потсети дека порано од паркирани автомобили не можеше да се помине пред Министерството за правда, Бит-пазар,на улицата „Максим Горки“…

Пред присутните беше претставен новиот план за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Скопје од 2019 до 2021 година, кој се очекува за два дена да биде усвоен на седница на Советот на Град Скопје.

Даниел Павлески од Секторот за сообраќај во Град Скопје го претстави новиот план и нагласи дека Скопје има потенцијал за велосипедскиот сообраќај, но потребно е да се промени однесувањето, да има пријателска инфраструктура за возење велосипед, финансиска поддршка и поддршка од локалните власти.

Град Скопје деветтипат ја одбележува Европската недела на мобилност со повеќе настани со цел промоција на пешачење, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз.