ПЛЕМЕТО АХЕЈЦИ ВО ПЕЛАЗГИЈА

Славе Катин

 

Академик А.Шкокљев-Дончо и Славе Катин

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ

ДЕЛ 23

 

 

Во текот на средноминојската епоха, додека “егејската цивилизација” била на врвот, околу 1600 година пред Христа, дошло до селидба на Ахејците, или Ахеите, подоцна во  VII век пред Христа наречени Хелени (Папаставро, 1972 г., 26 и Mrampiniotis, 1986 г., 96). Заради големите талкања низ лавиринтите на нивното минато и заради разни историски и политички шпекулации, на оваа популација на Балканот и’ е даден поголем простор.

************

Ахејците биле со индоевропско  потекло. Од својата прататковина Курган, меѓу Аралското и Каспиското Море, тие тргнале во северозападен правец кон Европа, кон Панонија и јадранските брегови, па преку планинскиот масив на Епир, Додона и Пинд се доселиле во Еолија (Тесалија) каде како староседелци живееле Пелазгите и Еолците (Томсон, 1954 г., 283).

Први историски информации за Ахејците дале Хетитите и Египќаните. Хетитите, кои во XIV век пред Христа имале моќна династија во Анадолија, со Мурсил (Mursil) околу 1350-1320 година пред Христа, ги нарекувале Ахијава или Ахијван (Папаставро, 1972 г., 29; Тајлор, 1983 г., 158, 1986 г.,). Во египетските споменици и папируси се споменуваат кака Акаиваша, во време на Рамзес II, 1288 година пред Христа (Чилде, 1926 г., 63, 72).

Балканското име на Ахејците во митологијата и историјата не е познато. Тие биле именувани како Ахејци од староседелците, тесалиските Пелазги. Според Гревс (1990 г., 631), Ахај значи оној кој разжалостува. Етимолошки тоа е кованица од: а-не-без и зборот од коренот хар-радост додека ахарис-неблагодарен, непријатен, а ахос-која тагува, тажна, чемерна.

Во Централен Балкан постојат многу топоними под називот чемерно. Ахејците ја населиле тесалиската област Фтија (fthio-да уништува, гине, исчезнува), според истоимениот пелашки еолски тесалски град, на реката Сперхеј. Оваа неплодна теснопланинска област, каде што денес се наоѓа градот Ламие, во размер 60х40 км, до Малијскиот Залив на Егејското Море.

Македонија и Халкидик, 431 пред Христа

Од планинските масиви кои ја опкружуваат Фтија, најзначајна е Ета (несреќа, страдање, судбина) на југ, со височина од 2150 м, која на својот најнизок дел ја создава Термопилската Клисура (Топличка Врата), единствен премин од Тесалија, а тие во историјата се именувани како тесалски Ахејци, а поретко како еолски Ахејци. Според митологијата, староседелците, Пелазгите од фтија, потекнувале од богот на реките, Асоп (од сопао-да бидеш мирен, т.е. никогаш мирен), чии синови биле Пелазг (денес градот Пелазгија покрај брегот, се наоѓа на 38 км источно од Ламие) и Исмен, како и една ќерка со име Егина.

Таа се омажила за Актор, крал на Фтија и му родила двајца синови, од кои Менетие бил татко на Патрокло, прочуен јунак во Тројанската војна и нераздвоен пријател на Ахил. Егина со Зевс, на истоимениот остров, родила син Еак, кој станал родоначалник на едно племе новодојдени Ахејци во Фтија, кое се викало Еакиди или Мирмидони (мравјалници). Внук на Еак бил Ахил, најславниот јунак на Ахејците во Тројанската војна, 1192-1182 година пред Христа. Еакидите подоцна, преку Фокида се прошириле до островите Саламина и Егина. Според Хомер (II,681), Ахејците во Фтија населувале пет града: “…кои по Алопа, Ала, Трахина и по Фтија градот, кои по Елада беа, каде велат имало убави жени, т.е. Хелените се викале Ахејци и Мирмидонци, лаѓи беа педесет, Ахил им беше војвода…”

Додека тесалските Ахејци живееле стеснети и сиромашни во Фтија, во средината на XIII век пред Христа, Пелоп од Мала Азија го однел поголемиот дел од Ахејците на Пелопонез и станал епонимен херој. Полуостровот кој првобитно се викал Пелазгиотис, со доаѓањето на Данајците го сменил името во Апис, по светиот египетски бик, за на крајот, според Пелоп, да се нарече Пелопонез, а неговиот дел Пелопонезиска Ахаја, на бреговите на Коринтскиот Залив, со околу дваесет града.

Во митологијате, Пелоп бил син на лидијскиот крал Тантал (танталови маки), познат како Фригиец. На Ахејците им ветил богатство и доаѓајќи на Пелопонез ја побарал раката на убавата Хиподамија, ќерка на елидскиот крал Еномаја, чие кралство го опфаќало северозападниот дел на Пелонез, т.е. Пелазгиотидите. Меѓутоа, кралот од стројникот барал да се трка со него на Олимписките игри. Со помош на богот Посејдон, во златни кочии и со крилести коњи, Пелоп победил, се оженил со Хипадомија и станал крал на Елида, со престол во Пиза.

По смртта, уживал Божји почести и бил погребан во Олимпија. Бил родоначалник на Пелопида. Со Хиподамија Пелоп имал повеќе деца, од кои најпознати биле Атреј и Тиест. Атреј бил оженет со внуката на Миној, Аеропа од Крит. Таа ги родила синовите Агамемнон и Менелај и ќерката Анаксибија. Заради љубомора меѓу браќата, синовите на Пелоп, дошло до омраза, многубројни злодела и до убиства на полубратот Хрисип. Пелоп ги проколнал синовите и тие, плашејќи се од татковиот гнев, побегнале кај кралот Еуристеј во Микена.

Бидејќи Еуристеј, од династијата на Даните, немал наследник, пророштвото советувало за крал да одберат еден од синовите на Пелоп. Браќата се договориле да владеат со Микена на смени, секоја година. Тиест во меѓувреме ја завел својата снаа Аеропа, па заради тоа побегнал од Микена во Сикион, каде не знаејќи ја обесчестил сопствената ќека Пелопија, која, пак, го родила синот Егист. Кога Егист пораснал го убил чичко си Атреј. Се смета дека Атреј владеел со Микена во 1250 година пред Христа.

Најстар син на Атреј бил Агамемнон, крал на Микена и врховен заповедник на ахејската војска во Тројанската војна. Се оженил со Клитемнестра, ќерка на спартанскиот крал Тиндареј, кој му помогнал да се врати на аргиевскиот престол. Неговата судбина била врзана за Тројанската војна, која траела десет години, за жртвувањето на својата ќерка Ифигенија, за љубовните перипетии со Хрисеида и Брисеида и со претскажувачката Касандра, ќерка на Пријан.

Клитемнестра на Агамемнон му родила еден син, Орест, и три ќерки: Електра, Ифигенија и Хрисотемида. По паѓањето на Троја, Агамемнон се вратил во татковината, каде во завера бил убиен од жена си Клитемнестра и нејзиниот љубовник Егист, син на Тиест. За да се освети за татковата смрт, Орест ги убил мајка си и Егист.

Орест бил роден пред почетокот на Тројанската војна. Детството го минал безгрижно во родителскиот дом. По убиството на мајка си бил прогонет во Паракипарисија, на југ на Пелопонез, каде во Гитион се лечел од лудило. Заради постојаното прогонство од Еринија, страшните и лути божици, му било наредено кипот на божицата Артемида да го однесе од Таурида, на Кавказ, во Атина. Со помош на сестра си Ифигенија, свештеничка во храмот на Артемида, за која сите верувале дека одамна била мртва, го зеле кипот на Артемида и заедно се вратила во Атина со лаѓа.

Тогаш судот го ослободил и му дал да владее со Арг, дел од Аркадија и Спарта. Се оженил со Хермиона, единица на Менелај и Елена, која со Орест го родила синот Тисамен. Орест владеел 70 години и умрел во длабока старост, деведесетгодишник, бегалец од Аркадија и бил погребан во Тегеј, во 1104 година пред Христа, според Ератостен. Смртта на Орест бил крај на династијата Пелопиди и почеток на егзодусот на Ахејците од Пелопонез и Тесалија заради доселувањето на Дорците. Со егзодусот на Пелопидите завршила “микенската цивилизација” која била дел од “егејската цивилизација”.

Продолжува

http://mn.mk